Чади низ Скопје (видео)

Ако в зима причина за загадувањето е несовесноста на граѓаните кои домовите ги затоплуваат со што стигнат – горат паркет, стар мебел, гуми… која е причината за загадениот воздух среде лето?!

На неколку месеци пред периодот на екстремно загадување во Скопје, сведоци сме на необјасниво високи вредности во одделни општини, исто како и минатите години. Особено практично за надлежните институции е што месеци, различни мерни станици, во различни периоди се исклучени од наводно технички причини. Моментално, податоци за PM2.5 во Карпош нема од 10 август, иако мерната станица не работеше од 29 мај до 11 јуни поради редовен сервис и калибрација, велат од О2 Коалиција за чист воздух.

Град Скопје, паралелно со низата обиди за намалување на појавата за палење на оган на отворено, од нивна страна како што велат, во изминатиов период интензивно се работи и на мапирање и чистење на дивите депонии, каде минатата есен во голема акција беа расчистени над 3000 метри кубни смет.

Во таа насока, во март годинава се промовираше посебен телефонски број (070 270 557), на кои граѓаните можат преку Вибер да пријават диви депонии со праќање на порака и фотографии, а истите можат да ги пријават и до официјалната фејсбук страница на Градот. 

Жителите на Аеродром, Гази Баба, Ѓорче Петров и Центар оваа лето се пожалија дека во нивните населби воздухот мириса на запалени гуми.

Често се плата кабли,  гуми па го вадат железото и бакарот да го продадат и на тој начин да дојдат до дополнителна заработка. Но, ние се гушиме од оваа миризба верувајте не може низ населба да се прошета, вели Марија жител на Ново Лисиче.

Во минатата есен и зима Скопје речиси постојано беше меѓу топ 5 најзагадени градови во светот, а неколкупати се искачуваше и на самиот врв на оваа неславна листа.

Граѓаните се жалеа дека буквално дишат отров и се задушуваат. Последните бројки на Пм честици покажуваат дека проблемот со загаденост е присутен и сега, но никој не обрнува внимание на него.

И додека во зима изговорот за високата загаденост е греењето на домаќинствата, се наметнува прашањето кој е сега виновен за моменталното високо загадување?