Царината заплени злато во вредност од 12 илјади евра, се обиделе нелегално да го изнесат од државава

Царинската управа соопшти дека на граничниот премин Табановце запленила 248 грама злато со вредност од околу 12 илјади евра, од двајца патници кои се обиделе да го изнесат од државата без да го пријават кај царинските органи.

Патниците кои се возеле во комбе биле селектирани од страна на Мобилен тим на Секторот за контрола и истраги каде притоа им било пронајдено златото. Едниот од патниците околу вратот носел една црна врвка и еден ланец на кои биле прикачени два купа готов златен накит со тежина од 201,82 грама што биле смотани во креп трака. Другиот патник на вратот носел ланец на којшто имал прикачен куп од повеќе прстени со тежина од 46,48 грама.

Од царината известуваат дека златото им е привремено одземено и против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави и дополнуваат дека во рамки на своите надлежности се преземаат мерки за сузбивање на шверцот и сивата економија.