Бурен музички септември на Македонската филхармонија: По Казахстан, гостување со Кути во Белград, а стартот на сезоната со Дебарг

Бурниот музички септември на Македонската филхармонија кој започна со концерти на камерниот оркестар во Казахстан по повод независноста на Македонија, продолжува со нов настап, овој пат во регионот. Заедно со африканската ѕвезда Феми Кути и Емин Џијан како диригент, оркестарот на 13 септември (20 часот) ќе одржат концерт во Белград на отворено, во прекрасниот амбиент на Калемегдан.

Проектот премиерно беше одржан во Скопје под името “Филхармонија на отворено” во Градскиот парк на 7 јуни, пред околу 15 илјади посетители.

Нигерискиот музички уметник, принцот на „афробитот“ и достојниот наследник на неговиот татко, култниот Феми Кути, повторно настапува во Белград со неговиот бенд „Позитив форс“, но за белградската публика новитет е неговата соработка со симфониски оркестар, за чии аранжмани на композициите се погрижи Емин Џијан. И на концертот во Белград ќе бидат изведени најголемите хитови на Феми Кути кои се наоѓаат на сите десет негови објавени албуми, од кои четири беа номинирани за престижната награда “Греми”. Предгрупа на Феми Кути и Македонската филхармонија, ќе биде белградскиот состав „Igor Vince amp; His Drum, Brass And Keys“, чија музика е фузија од реге, фанк, латино, афробит и соул. Перкусионистот Игор Винце е всушност долгогодишен член на бендот на Кути – „Позитив форс“.

Инаку, со миксот од т.н. енергетски набиен фанк, џез, реге и традиционални африкански ритми, во своите песни Феми Кути зборува за политичката корупција, сиромаштијатата, лошите животни услови во родната Нигерија, како и во светот, диктаторскиот режим… Неговата музика се занимава со политичкиот и социјалниот аспект на живеење, со општествениот ангажман, носи силни пораки и токму тие се врзивната точка меѓу него и неговиот татко.

На 5 септември во Алмати и 7 септември во Астана, камерниот оркестар на Македонската филхармонија, пак, достојно ја претстави Македонија во Казахстан, одржувајќи два концерти по повод Денот на независноста – 8 Септември. Концертите беа одржани пред преполни сали и поздравени со овации од страна на тамошната публика, а беа проследени и со позитивни критики од страна на локалните медиуми. Под водство на маестро Борјан Цанев и со солистката Анна Кондратенко на виолина, Камерниот оркестар изнуди бурни аплаузи за изведбата на делата од Моцарт, Вивалди, Григ и Пјацола, додека пак со овации беше проследена изведбата на делото “Македонско капричо” од Драган Шуплевски.

“Амбасадорот Илија Псалтиров како и директорот на Државниот филхармониски оркестар во Алмати го изразија своето задоволство од настапот на македонскиот оркестар и ги истакнаа заложбите за понатамошно интензивирање на културните врски меѓу двете земји. Концертот во Астана, пак, беше по повод одбележување на 27 години на независноста на Македонија и Казахстан, како и 20 години „Астана главен град“, а одржан пред високи претставници и дипломати”, соопшти Македонската филхармонија истакнувајќи дека пристуните и оркестарот ги поздравил заменик-министерот за надворешни работи на Казахстан и дека со овие настани бил промовиран и почесниот македонски конзул во Алмати, Султан Мукшаев, кој ја поддржал турнејата на Македонската филхармонија во Казахстан.

“Имав средба со директорот на Филхармонијата во Алмати, Далел Зеинешевич Ушаев, со кој се договоривме за взаемна соработка и во иднина”, ќе истакне Виктор Илиески, директор на Македонската филхармонија кој најави дека во наредниот период, во 2019 година, во салата на Македонската филхармонија ќе гостува нивен ансамбл.

Инаку, новата концертна 2018/2019 сезона на Македонската филхармонија ќе започне на 27 септември со концертот “Ново утро” на славниот француски пијанист Лука Дебарг, под диригентската палка на Јерухам Шаровски. На програмата ќе бидат изведени С. Прокофјев со Концертот за пијано и оркестар бр. 2 и Х. Берлиоз со Фантастичната симфонија.