Боемската улица се продолжува до Градежен факултет

Скопската улица Ѓорги Пешков или за повеќето позната како Боемската улица ќе добие продолжение, откако општината Центар најави дека оваа улица ќе се продолжи од кафеаната „Идадија“ до Градежниот факултет.

Од општината најавуваат дека улицата ќе биде направена во ист стил и од ист материјал како и претходниот дел, а градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски го претстави проектот.

- Проектот е завршен заедно со ревизијата и набавката. Пешачкиот дел ќе се протега од кафеаната „Идадија“ до Основното училиште „Коле Неделковски“, а двете улици ќе се поврзат со подигнување на коловозот на улицата Орце Николов. Нашата идеја е реконструкцијата да заврши пред општината и да се формира пешачка зона со плоштад - истакна Жерновски.

Поради големата фреквенција во овој дел од Центар, од општината нагласија дека улицата нема да биде целосно затворена, туку во употреба ќе биде оставена една коловозна лента, а сообраќајот секој ден ќе биде затворен од 20 часот до полноќ.
Првиот дел од Боемската улица беше пуштен во употреба кон крајот на 2014 година.