Билборд од мов за чисти воздух во Центар

Воздухот во центарот на Скопје ќе се прочистува со билборд од мов. Центарот за истражување и информирање за животна средина „Екосвест“ на градските власти ќе им даде донација, која е инсталација, односно билборд од мовови со функција за прочистување на воздухот.

Одлуката за примање на донацијата, која е во вредност од 23.410 евра, ќе биде донесена на следната седница на Советот на Град Скопје, која ќе се одржи во среда.

Во образложението на одлуката е наведено дека „Екосвет“ ја донира оваа инсталација за прочистување на воздухот во рамките на проектот City tree.

- Оваа инсталација претставува иновативно решение во вид на билборд, кој има цел прочистување на амбиентниот воздух. Иновативниот билборд со димензии 2,9 метра на 3,75 метри ќе биде поставен на локација во централното градско подрачје на улицата Никола Kљусев, во близина на хотелот „Мериот”, која е сопственост на Град Скопје.

Билбордот претставува комбинација од васкуларни растенија и мовови, кои креираат симбиоза и заедно функционираат и го прочистуваат амбиентниот воздух од штетни честички, односно од азотни оксиди, јаглерод диоксид и од цврсти честики помали од 10 и 2,5 микрометри, односно ПМ10 и ПМ2,5 – се вели во образложението на одлуката.

Се додава дека целта на проектот City tree е подигнување на јавната свест кај граѓаните за опасноста од климатските промени и за потребата од дејствување за подобрување на квалитетот на воздухот во интерес на човековото здравје.

Вакви инсталации се поставуваат низ градовите по светот како иновативни решенија за почист воздух, меѓу кои се и зелени, односно живи фасади, зелени покриви итн.