Без пчелите не би постоеле природата, светот и луѓето во него

На светот постојат повеќе од 20.000 видови пчели.

Често велиме дека некој е вреден како пчела. Но, колку се пчелите вредни и важни за светот говори податокот дека една пчела дневно обиколува и опрашува околу 1.000 цветови. Во една кошница можат да се најдат 10.000-60.000 пчели, а само една матица.

За да произведат килограм мед, пчелите треба да донесат во својата кошница околу 3-4 килограми полен. Тие во просек летаат со брзина од 24-34 километри на час, а често можат да се оддалечат и до осум километри од својата кошница и без проблем да го најдат патот назад.

Но, за жал, поради климатските промени и употребата на инсектициди и пестициди, нивниот број драстично се намалува. Уште Алберт Ајнштајн посочувал дека ако исчезнат пчелите од земјата, човекот би можел да опстане само четири години.

Но, зошто се пчелите толку важни за светот и планетата земја?

Тие се важни за нашето здравје

Медот одамна се користи како една од најважните состојки во светот, па и во медицината. Тој е одлична алтернатива за шеќерот, но и помош при лечење на рани, опоравување од грип и настинки, а нуди мноштво значајни придобивки за нашето здравје.

Прополисот е состојка која е клучна за нашиот имунитет и особено корисна поради нејзиното антибактериско и антивоспалително делување, намалување на крвниот притисок, здравје на коските, ублажување на сезонските алергии и тн.

Матичниот млеч е богат со хранливи состојки кои го чуваат нашиот имунитет, а одличен и за целокупното здравје на нашиот организам. Тој го поттикнува и варењето, помага против акни и воспаленија на кожата и е одличен лек против егземи и рани.

Без нив не би имале имаме храна

Пчелите се значаен дел до екосистемот на планетата Земја. Тие вредно ги опрашуваат билките и го создаваат еден од најздравите производи на светот – медот. Но, освен тоа, овие инсекти опрашуваат повеќе од 80% од растителните производи кои редовно ги користиме во својата исхрана – кајсиите, јаболката, црешите, крушите, јагодите, мандарините, грозјето, оревите, бадемите, лубениците и тн.

Освен тоа, тие ги опрашуваат и растенијата со кои се хранат животните, како што е детелината. Така, тие имаат големо влијание и во производството на млекото и месото.

Без нив не би постоела природата

Иако е тешко да се поверува, сепак пчелите опрашуваат многу од дрвјата во шумите и без нив шумите не би можеле да постојат и да напредуваат, односно би исчезнале со текот на времето. Тие ги опрашуваат и тревата и цвеќињата во шумите и ливадите, но и во нашите домашни средини, па така без пчелите би исчезнал и значајниот екосистем во тревите, ливадите и шумите.

Без нив тешко би функционирала и економијата

Уште еден податок кој е важен да го знаеме, иако е тешко да ги поврземе пчелите со економскиот развој. Но, сепак тоа е вистина -  пчелите се важни за многу гранки во индустријата. Тоа особено се однесува на земјоделството -  растењето на овошје, зеленчук и нивната улога во производството на храна, сокови, индустриите на млеко и месо, па и сточарството. Пчелиниот восок е незаменлив производ во инсутријата за челик, оптичката индустрија, но и во производството на кожа, дрво и хартија. Освен тоа, пчелите се важни и за опрашување на ленот и памукот кои се едни од најчестите суровини во изработката на текстил. Дополнително, фармацевстката и козметичката индустрија го користат медот, прополисот и пчелиниот восок во многу производи.

Овој текст е напишан како поддршка на иницијативата на UM Скопје за подигање на свеста за важноста на пчелите и нивната заштита, во рамките на UM Impact Day