Баба и дедо, бебиситерка или пак градинка, кој е најдобриот бебе сервис – родителите со различни мислења и искуства

-До лани, свекрвата ми ја чуваше малата, ама веќе од оваа година тргна во градинка. Свекрва ми има четврто одделение, не можам да очекувам да ја учи нешто паметно и корисно, вели Ирена, мајка на четиригодишно дете.

-Имам две деца. Првото го чуваа дома свекрва ми или мајка ми, зависно кога, која беше слободна. Второто одеше во градинка. Денеска правам споредба. Она првото, секогаш беше во топло, најадено и во центар на внимание, ама не знаеше да си игра со други деца, да не речам беше диво. Ова второ, постојано влечење по лекари, ама детето е доста поцивилизирано. Така да, не би можела да донесам права одлука кој сервис е подобар, раскажува друга мајка.

-Моите деца ги чува бебиситерка. Таа е платена од час. Некогаш ја викаме и навечер, кога ние излегуваме. Задоволни сме, само што се потребни многу повеќе пари за тоа. Таа доаѓа дома и ги чува убаво, но е далеку поскапо од градинка или пак од баба и дедо, го споделува своето искуство Маја од Скопје.

Македонските родители секоја година се на иста дилема, кога е прашање кој ќе ги  чува нивните деца додека тие се на работа.

Додека родителите се на работа, за децата се грижат баба и дедо, бебиситерки или пак воспитувачките во градинка.  Секоја од овие опции има свои добри и лоши страни.

Педагозите советуваат дека сепак не постои најдобар бебе – сервис. Она што е сигурно е дека вашето дето во дружба со баба и дедо никогаш нема да биде гладно и секогаш ќе биде мазено, чувано, пазено... Така да, доколку тоа е доволно за да ги задоволи вашите амбиции, или вашите критериуми, тогаш за вас најдобар бебе – сервис се токму тие.

Најголем недостаток при чување на детето од страна на баба и дедо е недеоволен број на деца врсници со кои детето би се играло, натпреварувало, би учело да се кара и да се смирува... односно низ социјални вештини кои никој не може да му ги надомести освен врсниците.

Од друга страна многу родители даваат предност на градинките или бебиситерки, поради тоа што тие на детето можат да му понудат разни едукативни содржини, или пак да влијаат врз него лесно да се вклопи во групата со неговите врсници.

Со други зборови, она што е според вашите критериуми најдобро за вашето дете, не мора да биде најдобро и за другите родители.

Покрај тоа бабите и дедовците можат да се покажат како добри во чување на детето во една фаза, но лоши во друга.

Во секо случај, факт е дека само вие сте одговорни за развој, воспитување и однесување на своето дете. И без оглед на тоа детето колку време ќе поминува со баба и дедо, никогаш во нив не барајте виновник за некои негови успеси или незгоди во текот на растењето. Истото важи и кога е во прашање градинка или пак бебиситерка.