Автобусите полупразни, паркинзите полни: Скопјани кога седнуваат зад волан забораваат на загадениот воздух

 Град Скопје вчера ги активираше мерките за намалување на загадувањето на воздухот, откако два дена по ред концентрацијата на ПМ10 честичките во воздухот беше над дозволеното ниво и тоа измерено на најмалку две мерни станици во главниот град.

Бројките алармираа дека неколку дена по ред скопјани дишат загаден воздух над дозволените концентрации, при што Скопје се најде на првото место како најзагаден град во светот.

Во сила стапија бесплатниот јавен превоз во автобусите на ЈСП и на приватните превозници, а градските власти упатија апел до вработените во Град Скопје на работа да доаѓаат со јавен превоз.

Апелот е и до граѓаните да не ги користат возилата без потреба и повеќе лица да се возат во едно возило, а за да се дестимулира користењето автомобил цената на паркирањето во централното градско подрачје двојно поскапе и сето тоа со цел загадувањето на воздухот да се намали.

Но, ова во пракса не функционира. Многумина не се одзваа на апелот и на работа тргнаа со автомобил. 

Социјалните мрежи се преплавени со револтирани граѓани. Некои велат дека свеста на скопјани е на многу ниско ниво, па дури и кога станува збор за нивното и здравјето на нивните најблиски.

– Кога врнеше снег низ градот, автобусите беа преполни, се бараше место повеќе. Луѓето тогаш одеа на работа со автобус, бидејќи ги мрзи да си го исчистат автомобилот од снегот. А сега кога ќе седнат зад воланот, забораваат на загадениот воздух, се некои од коментарите на социјалните мрежи.

Цели 350 денари или една просечна дневница потрошил скопјанец за четири часа паркинг во Скопје. Фотогографијата беше објавена на Ѕидот на сообраќајниот срам, а тој додаде дека „Наместо чист воздух добил празен новчаник“.

Граѓаните денес на социјалните мрежи реагираат за високата цена на паркингот која започна да се применува вчера како една од мерките за справување со загадувањето во главниот град. Дел од нив ја оправдуваат мерката и велат дека ако се прашуваат тие, паркингот би поскапел уште повеќе, но другите велат дека со ова градот го допрел дното и дека поскапувањето на паркингот е неоправдана мерка.

Мерките и препораките при надминат праг на пм10 честички што беа донесени вчера остануваат на сила. Прагот, како што соопшти денеска владината прес-служба, е надминат во Скопје на мерните места Центар, Карпош и Ректорат, Битола на мерните места Битола 1 и Битола 2, Гостивар, Струмица и Тетово.