Издавачката куќа Антолог од Скопје, ја објави книгата „Невидлив“ од Елој Морено.
Објавувањето е во рамките на проектот „Создадено во Европа: моќта на различноста“.
-Училишното насилство отсекогаш било присутно меѓу нас, но, овој роман е напишан сега и тука, од талентиран автор што го прави ова искуство уште помоќно од она во реалноста. Приказна за едно дете кое, раководејќи се од најлошиот советник – стравот, посакува да има супермоќи како суперхероите од стриповите што ги чита. Го прави тоа за да се спаси од насилството што го трпи од соучениците. Посакува да стане невидливо, како механизам за бегство, за заштита од суровата реалност што го опкружува, без да биде свесно дека всушност страда - се вели во соопштението од Антолог.
„Невидлив“ е приказна раскажана низ призмата на насилникот и жртвата, неговата симпатија и пријателите, родителите и наставниците, и, како што вели издавачот, поучна за сите што ќе ја прочитаат. Романот досега има повеќе од дваесет изданија и е преведен на многу јазици.
Елој Морено (1976) е шпански писател. Студирал компјутерски менаџмент и работел во компјутерска компанија. Поради големата љубов кон книжевноста својот прв роман го објавил самостојно и го продал во повеќе од 200 000 примероци. Подоцна објавува уште неколку романи, од кој најпознат е Невидлив (2018). Автор е и на тритомно дело наменето и за возрасните и за децата, веќе прифатено како лектира во многу образовни центри. Сакајќи да им помогне на младите писатели во 2016 година започнал курс за самиздати.