Алергична сум на глутен, откако изедов храна на која пишува БЕЗ ГЛУТЕН завршив на Клиника – точно ли е она што е наведено на декларациите?

Во последните неколку години многу луѓе се решија да се откажат од глутенот. И додека некои сметаат дека тоа е само за привлекување внимание, постојат луѓе кои се навистина алергични или нетолерантни на глутен.

-Имам 40 години и од неодамна открив дека сум алергична на глутен. Мајка ми и баби ми се чудеа, но ете како што велат и самите модерно општество, модерни болести. И откако дознав цело време внимавам што јадам. Постојано ги читам декларациите на производите, секако на оние каде тоа е возможно. На некои или ги нема, или пак се напишани со многу ситни букви, па потрошувачите треба да носат лупа со себе, за да прочитаат што содржи производот. Неодамна купив еден производ на кој со огромни букви пишуваше БЕЗ ГЛУТЕН. И знаете што се случи? Само еден час откако го изедов, додека бев на работа, јас завршив на клиника. Прашањето ми е: Знаеме ли навистина што јадеме, колку е точно она што всушност го пишува на декларациите на производите? Има ли одговорни луѓе во нашето општество? Има ли некој кој се грижи за обичните смртници?

Ова се само некои од „препораките" на производите кои речиси секојдневно ги конзумираме. Дали тие вистински не информираат или можеби не доведуваат во заблуда, па дури и не манипулираат?

Обележувањето на храната секогаш поттикнува дилеми – колку соодветствува на производот, ги содржи ли неопходните податоци (нето тежина, рок на траење, нутритивната вредност, алергени, состојки кои може да предизвикаат нетолерантност,...) или има и други, дополнителни, кои можат да го „извозат" потрошувачот, да го наведат да купи нешто што можеби и немал намера или нешто што е потполно исто со друг производ само од поинаков бренд.

Што велат експертите, но, и дали потрошувачите воопшто ги читаат декларациите? Што е со поплаките дека на производите пакувани за одредени маркети, никаде не стои кој е производител?

– Етикетите на прехранбените производи не треба да го доведуваат потрошувачот во заблуда, туку да му обезбедат јасни и целосни информации за да знае што точно купува и врз основа на тоа да направи правилен избор согласно своите потреби и барања. Секој производ треба да ги содржи 12-те задолжителни информации што нашиот Правилник ги налага како обврзни на декларацијата или амбалажата: состојките, алергените, нето тежината, датумот на минимална трајност, условите за чување и употреба, адресата на операторот, местото на потекло, упатството за употреба и хранливата вредност изразена во нутритивна табела. Декларациите задолжително треба да ги содржат и состојките кои предизвкуваат нетолерантност, истакнуваат од Организацијата на потрошувачи (ОПМ).

Некои од увезените прехранбени производи, посебно муслите за деца, немаат декларација на македонски јазик, а родителите најмногу ги купуваат. Имаат доверба дека се од ЕУ, иако тоа не значи секогаш подобар квалитет во однос на домашните.

– И големината на буквите треба да е соодветна. Замислете обичен потрошувач кога ќе влезе во маркет и сака да купи пет, десет производи, а треба/сака да ја прочита декларацијата. Мора да се размисли во оваа насока, за читливоста. Иако засега буквите на декларациите според величината одговараат на законски пропишаното и се согласно Правилникот, од аспект на потрошувач е тешко да се прочитаат. Дури и со лупа тешко се читаат, а одите и сакате да пазарите, велат тие.