Ако си заминеш...

Знаеш, неодамна ми рекоа дека би требало да се подготвам за твоето заминување. Таму некаде горе, каде нема животни бои. Таму некаде долу, каде луѓето веќе не се плашат. Ти ќе стигнеш таму, а тогаш моето срце ќе се скрши на милион парчиња.

Одамна требаше да престанам да ја обиколувам оваа галериска колекција на болки, го знам тоа. Но, знаеш ли дека веќе се имам навикнато на твојата болка, а сепак таа продолжува да ме боли?

Е па како тогаш да се подготвам? И за што да се подготвам? За болка која ќе биде поголема од оваа којашто ја чувствувам сега? Дали е тоа воопшто можно? Дали е човечки да се издржи болка која боли повеќе од гледањето на твоето тело како се крши и како боли и следниот ден? Дали е хумано од ден на ден да го исчекувам стравот дека ќе се загубам себеси со тоа што те загубам себе?

Ти не заслужи таков болен живот и би требало да те пуштам да одиш таму некаде каде што болката не боли и каде што постои некаква смисла, но не можам, не знам како. Не сум доволно храбра да се откажам од тебе и од самата себе. Затоа што ти си и рана и сила, мој почеток и мој крај. Би сакала засекогаш да останеш тука во мојата прегратка. Да те гледам, да те сакам, да те молам да се бориш. За уште едно утре, за некои подобри утра. Мојата себичност е на високо ниво, но не можам против себе, а ни против љубовта за тебе. И затоа сега убаво те замолувам: Немој никаде да одиш. Остани. Затоа што потребен си ми како и воздухот кој го дишам. Ти си воздухот преку кое целото мое битие дише.

Но...

Ако си заминеш, оди си такашто нема да оставиш ниту еден дел од себе покрај мене. Не сакам трошките од твоето постоење и парчиња спомени да ги кризам како лебот наш насушен. Не затоа што не сакам, туку затоа што не можам. Сѐ однеси, остави мир зад себе, за мене. Истргни го и последното зрно мисла за тебе од моето срце. Те молам.

Ако си заминеш, те молам само потруди се да не ме боли многу. Знам дека не е до тебе, но ајде да се правиме дека е. Ајде да поживееме уште малку мислејќи дека ти го правиш тој избор, дека оној горе те прашува нешто, дека ти ги поставуваш правилата на оваа животна игра. Ајде, излажи ме и кажи ми дека нема да боли многу. Те молам.

Ако си заминеш, не ми кажувај каде си, но само кажи ми дека си добро. Дај ми некој знак дека горе те чуваат и дека се грижат за тебе. Дека те сакаат како што те сакам и јас тука, легната за под додека буричкам по кутиите од минатото. Кажи ми дека некаде таму раните повеќе не болат и дека болката повеќе не те повикува. Те молам.

Ако си заминеш, вети ми дека ќе ме чекаш. Каде и да си, јас ќе дојдам. Само чекај ме.

Но, те молам, затоа што толку многу те сакам, немој сѐ уште да си заминеш.

Затоа што јас сѐ уште не сум подготвена, а и не знам дали некогаш ќе бидам.