820 лица го загубија животот, речиси 700 се повредени во страотниот земјотрес во Мароко

Мароканското Министерство за внатрешни работи соопшти дека бројот на загинатите во разорниот земјотрес кај Маракеш се искачи на 820, а најмалку 672 лица се повредени.

Во соопштението се наведува дека 205 лица се тешко повредени. Спасувачите се уште се на терен и се очекува да се зголеми бројот на загинати и повредени.

Министерот за внатрешни работи Абделуафи Лафтит на брифинг со новинарите изјави дека се верува оти многу од жртвите се во оддалечените области на планините Атлас, каде што е епицентарот на земјотресот.

Тој додаде дека има информации за семејства затрупани под урнатините на нивните домови, а апелира до жителите да даруваат крв за повредените, како и да не се враќаат во своите домови, поради што повеќето луѓе ноќта ја поминаа на улица.

Предизвикана е голема материјалната штета.

Претходно беше соопштено дека загинале околу 630 лица.

Прелиминарната проценка на Американскиот геолошки институт е дека земјотресот што се случи синоќа во 23.11 часот бил со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала, а Националниот центар за научни и технички истражувања со седиште во Рабат соопшти дека земјотресот бил со јачина од седум степени, според Рихтеровата скала и дека неговиот епицентар се наоѓа во провинцијата Ал Хауз, југозападно од Маракеш, популарна дестинација за странските туристи.

Земјотресите со јачина од 6 до 6,9 степени според Рихтеровата скала се карактеризираат како силни, можат да предизвикаат штети во населени места на 160 километри од епицентарот, а околу 120 од нив се случуваат годишно во светот.

Оштетена е џамијата Кутубија од 12 век во Маракеш, една од најпознатите знаменитости на градот.

Мароканците објавија и видеа на кои се гледаат оштетени делови од познатите црвени ѕидови што го опкружуваат стариот град Маракеш, кој е под заштита на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО).