Заврши „Даф бама 2016“: Македонците гласаа, Даниел победи

Доделувањето на музичките награди „Даф Бама“ се одржа во „Баркликард арената“ во Хамбург. Даниел Кајмакоски, кој беше поканет да настапи како претставник на Македонија, и беше номиниран за најдобар машки изведувач и за наградата од публиката за најдобар изведувач, ја освои наградата за најдобар изведувач од Македонија.

Кајмакоски беше номиниран за најдобар машки изведувач заедно со 7 врвни имиња: Алехандро Санз, Тицијано Феро, Мохит Чаухан, Ксавиер Наиду, Тамер Хосни, Дино Мерлин и Фархад Дарја.

На оваа значајна мултикултурна музичка манифестација беа наградени најуспешните музички имиња од Балканот, Медитеранот, Кавказ, Јужна Азија, Централна Азија, Африка и Блискиот Исток.

Покрај регионалните награди за најуспешните, беа доделени и награди во 8 категории: најдобра песна, албум, видео, соработка, машки и женски изведувач, изведувач и дебитант.