Возачка култура: Пцуење по пешаци - дали се чувствувате безбедно на пешачки премин?

Иако ја поминувате улицата на пешачки, сепак, внимавајте. Никогаш не можете да знаете каква будала седи зад воланот! Нервозни возачи, заглавени во густиот метеж, коли, комбиња и таксисти го прават невозможно минувањето на улицата. Но, и паркираните коли го зафаќаат и оној мал празен простор што останува, па поради тоа пешаците не можат никако да стигнат до пешачкиот премин.

- Никоја не ги ферма пешаците. Стојат на куп се додека некој паметен возач" не се смилува да застане, а има и такви кои, на свој ризик, претрчуваат. Нема ден без некој инцидент на пешачкиот. Дали ќе удрат некој пешак или ќе закачат некого за облеката, па ќе го извадат од памет. Нервозните возачи никако да научат дека на пешачки премин се пропуштаат пешаци. Но, има и такви возачи кои се многу безобразни, па често се случува и да не опцујат. Се вози многу брзо, никој жив не застанува на пешачки, а кога стојат, пак, колите буквално се лепат една до друга и не оставаат место меѓу нив да помине човек, вели еден скопјанец кој додава дека пешаците навистина имаат проблем да поминат улица.

Пешакот е најзагрозениот вид во скопската градска мешаница. Дури и по тротоарите, што се место за пешаците, повторно не си сигурен во својата безбедност, не знаеш во кој момент ќе наиде забрзан мотор или велосипед, за кои треба да има посебни ленти.

- Пред неколку вечери поминував улица. Прво погледнав кон лево, почекав да поминат возилата, и кога ја преминав таа лента, на втората погледнав надесно да не доаѓа нешто, во правецот во кој си се движат автомобилите. Токму пред да стапнам на пешачкиот премин слушнав силен звук и одеднаш почувствував силен бран воздух во грбот. Еден моторџија со својот голем мотор на тротоарот се движеше во спротивен правец и ме промаши за 3 секунди. Мотористот не ни застана да види како сум, што се случи, вели скопјанец.