ВМРО ДПМНЕ бара референдум, Жерновски тврди дека нема мигранти

„Дали господин Зоран Заев и СДС уште еднаш ја изманипулираа целокупната јавност? Иако Заев вети јавно пред целокупната македонска јавност дека нема да го блокираат референдумското изјаснување по повод доселувањето на мигрантите дали сепак тоа се покажа како уште една голема невистина?„, прашуваат од ВМРО ДПМНЕ.

Понатаму опозициската партија вели дека советниците на СДС вчера на седницата во општина Центар не гласаа за ставање на дневен ред на точката за распишување на референдум за населување на мигранти во општина Центар.

Нас како советничка група не ни јасно од што СДС толку многу се плаши што не дозволи ова прашање да се стави пред жителите на Центар и на тој начин им ја ускрати можноста на Центарци да се изјаснат по ова прашање.Дали Владата на СДС со секој свој чекор, ја потврдува нивната стратегија и план, за трајно населување на Република Македонија со илјадници мигранти, а дел од нив и во општина Центар?Колку е сериозната работата говорат дузината дописи, кои што министерството за труд и социјална политика ги има пратено до општините во кои што се бара обезбедување на локации за градба на објекти, кои што ќе бидат наменети за населување на мигранти, велат од ВМРО ДПМНЕ.

На ваквата изјава од ВМРО ДПМНЕ попладнево реагираше општина Центар од каде велат: „Темата мигранти е фиктивна конструкција на ВМРО-ДПМНЕ која на терен ја реализира граѓанската иницијатива “Будење”. Во неколку општини и градови граѓанската иницијатива “Будење” собираше потписи против населувањето мигранти, со една и јасна цел- да го заплашат народот. Но ова сценарио го срушија самите собирачи на потписи, а потврда за тоа се и фотографиите во кои се гледа како граѓаните од иницијативата ги внесуваат масите во општинскиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ во населбата Аеродром. Затоа и на вчерашната седница на Советот на општина Центар, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ немаше аргументирано образложение зошто бара ваква точка итно да се стави на дневен ред.“