Покрај законот за амнестија, Собранието на денешната 30-та седница, ги донесе и законите за изменување и дополнување на законите за архивски материјал, за електронските комуникации, за основање на Македонска академска истражувачка мрежа, за заштита на културното наследство и на законот за филмската дејност.

Донесен е и законот за урбано зеленило поднесен од пратениците: Лилјана Поповска, Маја Морачанин, Петре Шилегов, Стефан Богоев, Благој Бочварски, Диме Велковски и Ејуп Аљими. Тоа е прв таков закон што се донесува и предвидува опсежна грижа за зеленилото.

Работата на Собранието беше прекината кога на дневен ред дојде  Дополнетиот  предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за административни службеници во второ читање, но претседателот на Собранието, Талат Џафери, рече дека собраниските служби го известиле дека во текстот има одредени технички грешки и прогласи пауза, за да може грешките да се корегираат.