Секојдневие
6. August 2016 - 11:30

Скопјанецот Славче есенва ќе го вози новиот „мерцедес“ што тој го дизајнирал

- По 4 години работа, конечно е официјално! Мојот прв автомобил во производство. Првиот автомобил што го дизајнирав може да го купите - напиша деновиве на својот фејсбук-профил Славче Таневски, Македонец, кој целосно го дизајнира новиот автомобил на „Мерцедес“ - GLC Coupe.

Славче го најдовме во Kалифорнија, таму живее и работи и сега со нетрпение чека да види како некој ужива возејќи го неговиот автомобил. „Мерцедес“ од глина Новиот автомобил што Таневски го дизајнира за „Мерцедес“ е веќе во производство, а првите возила до сопствениците ќе бидат испорачани во октомври, пренесува Дневник.

- Претпродажбата и производството во фабриката во Бремен само што започнаа. Првите возила ќе бидат испорачани во октомври, па тогаш ќе се знаат бројките на нарачки. Почетната цена е 50.000 евра во Германија. GLC Coupe e второто спортско корисно купе на „Мерцедес“ по GLE. Се работи за СУВ-возило со поатрактивен, спортски изглед. Четиривратно купе кое нуди поголема практичност од обично купе со додаток теренски можности. Ова е лајфстајл-возило со последна технологија, врвен квалитет и максимална безбедност. Kостум на „Армани“ што го носите во петок навечер во клуб, но и јакна „канада гус“ за зимување на Шара - вели Таневски.

Ова е практично негов прв целосен дизајн на сериски автомобил откако работи во компанијата. Претходно ја дизајнира надворешноста на сите сериски возила на „Мерцедес-Бенц“.

Славче вели дека еден негов работен ден изгледа многу динамично и интересно. Во тимот на компанијата има околу 15 дизајнери што ги создаваат моделите на „Мерцедес“. Оваа бројка кажува колкав успех е што Таневски е меѓу нив.

- Ние сме тим од 15 дизајнери што работат на екстериерот на сите автомобили за производство. Плус приближно толку за ентериер. Понекогаш сме најдобри другари, понекогаш најголеми ривали, а некогаш работиме и заедно - вели тој. Студирал во Скопје, живее во Kалифорнија Веројатно многумина се прашуваат како изгледа процесот на дизајнирање нов автомобил.

- Се  започнува со објаснување на концептот и првите скици. За GLC Coupe имав с` на с` четири скици кои беа доволно убедливи да се премине на наредната фаза - модел од глина во размер една четвртина. Потоа се преминува на моделирање во вистинска големина каде што се запазуваат многу регулативи, закони за безбедност итн. Ова е најболниот дел од процесот. Толку колку што ја користите детската фантазија при цртањето, толку компромиси мора да направите во оваа фаза на физибилити - вели тој.

Инспирацијата за дизајните на автомобилите ја наоѓа насекаде околу него.

- Нема нешто специфично што ми ја пали светилката. Kреативноста ми доаѓа од целото искуство (најмногу визуелно) што го имам собрано. Од цртаните во детството, преку патувањата, до начинот како е сервирана храната во рестораните. Автомобилот што го дизајнира Славче ќе има можност да го вози и самиот во септември.

Вели да биде здрав и жив, едвај го чека тој момент. Со оглед на тоа што веќе му се остварил големиот сон, Славче не престанува со амбициите. Секако дека следно на неговата агенда се уште повеќе дизајни со негов потпис. Инаку, пред да замине да работи во „Мерцедес“, тој студирал на Машинскиот факултет во Скопје, па потоа заминал на студии во Минхен. Праксата во „Мерцедес-Бенц“ му овозможи и да се вработи таму. Вели дека за да се успее во една ваква голема компанија, потребни се талент, упорност, многу работа, голема професионалност и многу жртви во однос на приватниот живот.