Сѐ повеќе жени интелектуалки се дружат со чашката

Најмалку 3,3 милиони луѓе во светот умираат од прекумерно консумирање алкохол, говорат податоците на Светската здравствена организација. Според статистката, дури 15 проценти од вкупната светска популација има проблем со алкохолот. Расте бројот на жени алкохоличарки. За разлика од пред триесетина години кога алкохолизмот кај жените во однос на мажите бил 1: 10, тој сооднос сега е намален и е 1: 3 во полза на мажите. Во САД и Англија овој сооднос дури е изедначен.

Доктор Павлина Васкова, која работи со пациенти зависници од алкохол и дроги во болницата „Бардовци“ вели дека не може точно да каже колку лица имаат проблем со алкохолот во Република Македонија, бидејќи последните истражувања кај нас се направени пред 20 години.

-Не можам да зборувам за бројки. Но, ако се земе предвид дека 15 проценти од вкупната светска популација има проблем со алкохолот, излегува дека кај нас таа бројка е од 60. 000 до 80. 000 лица. А, ако се земе предвид дека алкохолизмот не е болест само на поединецот, туку е засегнато целото семејство, може да се каже дека од исто толку семејства имаат проблем со алкохолот. Нема проблем само на оној кој пие туку тоа е проблем на целото семејство. И на целото семејство му е потребно лекување, вели докторката Васкова.

Она што е карактеристично, вели докторката Васкова, е тоа што жените полесно развиваат зависноста од алкохол од мажите. Женскиот организам е послаб и штетното дејство на алкохолот ќе се покаже побргу и посилно отколку кај мажите, обајснува докторката.

Интелектуалките најбројни меѓу зависничките

Она што треба да се напомене, вели доктор Васкова, е дека во последниве години зависнички од алкохол се најчесто интелектуалки, со завршен факултет, и голем дел од нив се на високи позиции во општеството, во претпријатијата.

-Во минатото меѓу зависничките најбројни беа домаќинките, невработените и оние со завршено осмо одделение. Сега веќе не е така. Имаме неколку жени кои добро се покажале на работното место и се унапредени, но не можејќи тој притисок да го издржат почнуваат ексесивно да пијат. Кога се враќаат назад, на пониското работно место, тогаш нормално фунционираат. Најверојатно стрестот на работа е голем, и не можат да го издржат, забележува докторката.

За разлика од порано кога најчесто се случувало необразованите жени од село, мажите веднаш ги вратат дома, сега сопрузите се трудат да им помогнат.

-Сега доаѓаат и сопрузите и се интересираат како може да се надмине зависноста, бидејќи самата терапија не е само лекувањето. Тој што пие треба комплетно да го смени начинот на својот живот, потенцира нашата соговорничка.
Жените зависнички од алкохол најчесто се во брак, но, има и такви кои не се во брачна заедница, а има и разведени.

-Во семејството каде што мажот е зависник од алкохол тешко функционира, а уште потешко е во оние семејства во кои проблем има мајката. Жената треба да биде столб на семејството, негов организатор. А кога жената пие, се се’ менува комплетно. Целото семејство трпи, вели докторката.

Според докторката, жената алкохоличарка не е агресивна, не крши, не малтретира, но доволно е тоа што децата ја гледаат напиена и легната во кревет.

Најчеста причина за зависност- депресивна структура

Најчеста причина за зависност од алкохол е депресивната стуруктура, неможноста во трката со животот, не можат да се справат со проблемите што ги носи животот и алкохолот е еден благ антидепресив.

-Тој во мала количина делува антидепресивно, го покачува расположението, повесели сме, порасположени за работа. Но, со редовна консумација од три до пет години се развива зависноста, вели лекарката Васкова.

Таа објаснува дека зависност значи дека алкохолот влегол во работата на организмот во секоја негова клетка. Како што не можат клетките да функционираат без шеќери, масти, течности, така кај зависниците организмот не може да функционира без алкохол.

-Имаат апстиненцијални кризи. Во недостаток на алкохол им се тресат рацете, поматена им е малку свеста и се тоа се средува кога ќе се напијат малку алкохол. Штом внесат во организмот малку алкохол целата таа криза во недостаток на алкохол ја снемува. И почнуваат, „нормално“ да функционираат. Меѓутоа, со оглед на тоа што се болни, немаат контрола на внес на алкохол. Здрав човек кога оди на гости, ќе се напие една две чашки и ќе ја остави чашката. А зависнсиците не можат. Изгубена им е контролата. Тоа е исто како автомобил без кочници. Не можат да престанат. Пијат до опивање. Им се јавуваат разни проблеми: здравствени, психички и на социјален план, потенцира докрорката.

Лекувањето се одвива во три фази

Лекувањето на алкохолизмот грубо кажано се состои од три фази. Првaта е фазата на детоксикација, односно прочистување на организмот и воспоставување апстиненција. Трае околу три недели. Втората фаза од лекувањето опфаќа интензивен психо-социотерапевтска програма, во која се вклучени и двајцата сопружници или еден од родителите на алкохоличарката. Главна цел во оваа фаза е промена на однесувањето и на стилот на живеење на зависникот, но и на целото семејство. Се применува индивидуална и групна психо и социотерапија. Времетраењето на втората фаза е 2,5 до 3 месеци. И третата фаза е продолжено лекување.

-Лекуваните алкохоличари, сега веќе апстиненти, заедно со членовите на своето семејство се вклучуваат во работата на клубовите на лекувани алкохоличари. Се работи во групи од 8 до 10 пара, кои се состануваат еднаш неделно. Ова е тежок и долготраен процес со основна цел зависникот кој е телесно и психички закрепнат да си го поврати авторитетот во семејството, повторно да се создаде рамноправност меѓу членовите во семејството, да се воспостави здрав семеен однос и создавање услови сите членови во семејството да станат поспособни на задоволителен начин да ги решаваат секојдневните проблеми, но без алкохол – објаснува Васкова.

Препорака е до оние што имаат проблеми со алкохолот да побараат совет во советувалиштето, кое работи во состав на Здружението на клубови на лекувани алкохоличари во просториите на „Даре Џамбаз“ во соба 14, но и на отворената телефонска линија 02 /31 65 542.

-Од тие кои редовно доаѓаат на терапија излечени се околку 80 проценти. Овде е доброволно, бесплатно. Според последното испитување кое го правевме, 78% апстинираат повеќе од годнина дена. Тоа е убав успех, вели доктор Васкова.

new nike air max 2019