Се сеќаваш ли како плачеше?

Една есенска ноќ,
некаде после полноќ,
како се скри себеси
во топлиот млаз од солзи
и уште еднаш, по којзнае кој пат,
како износени џемпери,
ја преоблекуваше својата душа?
А тогаш напамет ти падна
онаа реченица која вели
дека има жени кои кога плачат – тоа е уметност
и мислеше
дека никогаш повторно
нема да можеш
повторно да се составиш
и дека ја нема таа рака, ни твоја, ни туѓа,
која ќе може да ти биде ткиво кое ќе врзува.
Се сеќаваш ли како плачеше?
Па се колнеше дека тоа не е ништо,
а сѐ беше ставено како влог,
и тагата
и оној тротоар на онаа улица која ја знаеш напамет,
и ноктот на прстот на десната рака кој те боли
и запалката со која ја палиш уште само оваа цигара, шест пати по ред.
А растеше, како од вода,
некоја горка тишина
која ни ѓаволот не може да ја однесе.
Ноќта секогаш би се обложувала на твојата верност.
Ти си како верен пес,
кој останува буден до утро,
но и самиот не е сигурен дали е чувар
или само се плаши да ги затвори очите.
Се сеќаваш ли како плачеше?
Отсутна и сама, далечна.
Има жени, кои кога плачат – тоа е уметност,
но на нив никој не им носи цвеќиња на врата.
Наводно, таа вечер се подготвувал дождот да падне
и октомври се подготвувал да си оди,
а ти се колнеше дека тоа не е ништо,
а сѐ беше ставено како влог
и твојата храброст
и престолот на Франција
и собата која се претвора како музеј кога плачеш.
Цела една приказна беше ставена како влог,
која ти си сакала да ја напишеш.
На твоите раце, уште една песна
умрела од страв,
а немало кој да ја спаси.
Се сеќаваш ли како си плачела?
Имаше кому да се јавиш,
но немаше што да кажеш.
Понекогаш не можеш ни себеси да си се објасниш.
Некогаш имаш кому, ама немаш што да дадеш.
Понекогаш, сета мудрост на овој свет не е доволна,
да одгатнеш колкав е товарот на самотијата
во зборот „безтебност“.
Тоа е како Архимедовиот закон -
Не може тагата само да се поттисне одвнатре,
а ништо да не излезе надвор.
Да се сокриеш себеси во млазот солзи,
понекогаш е единствениот храбар чин кој го познаваш.
И веќе ти кажав,
сосема е во ред понекогаш сѐ во тебе да се скрши,
само така се преживува тагата.

Армина Хериќ