Се повеќе граѓаните се охрабруваат да го пријават лошото работење на градската администрација

На електронската адреса www.kontrola@skopje.gov.mk се повеќе граѓаните се охрабруваат да го пријават лошото работење на градската администрација, пишува Прва Скопска. 

Најголем процент од поплаките се однесуваат на ненавремено завршување на барањата за легализација на дивоградбите, пресметките за комуналии, простор за користење пред објектите и секторот за комунални дејности.

Како што посочи денеска градоначалникот на Град Скопје, на брифинг со новинарите, Градот претрпел финанскиска загуба во висина од 68.912 000 денари, поради вкупно неиздадени 332 барања за легализација стари и по три години.

Покрај неажурното работење, граѓаните често се жалеле и на недозволеното пречекорување на овластувањата на градската администрација, но и на комуналните инспектори, за што веќе се водат четири дисциплински постапки против вработени во Градот Скопје.

Со цел да се стави ред на безредието кое владее, најмногу кај теренските работници, Градот подготвува нова тактика. Имено комуналните инспектори ќе носат со себе ГПС уред кој ќе им оневозможи работното време да го користат за вршење на приватни обврски, а со цел безбедно вршење на службата ќе им биде даден и аларм кој ќе сигнализира во случај на небезбедна ситуација.

Проектот „Внатрешна контрола за вработените во градската администрација" почна да се спроведува од 17 септември. На прашањето зошто пријавувањето се врши само електронски, а не и телефонски, Шилегов одговори дека една од поплаките на граѓаните е дека на телефонските броеви во градските служби никој не одговара на повиците.

Шилегов ги потсети граѓаните и дека Архивата на Град Скопје во барака 16 работи и втора смена до 19:30 часот.