Пријателите не се само за во лоши времиња, пријателите треба и да се радуваат заедно со тебе

 

Од мали нѐ учат дека вистинските пријатели се оние кои се покрај тебе во лоши времиња.

Се сложувам. Така е. Убаво е кога човек има пријатели на кои може да се потпре кога животот ќе почне да удира. Убаво е кога човек има со кого да си направи муабет кога ништо не функционира.

Но, пријателството е многу повеќе од тоа. Пријателството не е само да седиш во кал со другата личност, туку и заедно да одите на сонце.

Пријателството значи и искрено да се насмееш со пријателот кога ќе ти соопшти некаква убава вест, а не само кисело да се насмевнеш и со задршка да кажеш: „Аха, супер“ и потоа веднаш да ја смениш темата.

Пријателство значи и заедно да славиш кога твојот пријател ќе постигне успех, а не со половина уста да му честиташ и попатно да му набројуваш што си направил за него за да успее.

Пријателство значи и да го прашаш пријателот како си поминал на тој ептен важен состанок, а не да го игнорираш тоа и зајадливо да пушташ шеги за тема за која тој не сака да разговара.

Пријателство значи и стоечки да аплаудираш на пријателот, а не половично и бавно да ракоплескаш, колку да не биде без ич.

Пријателство значи и искрено да го прегрнеш пријателот кога е радосен, а не веднаш да почнеш да му набројуваш начини како тоа ќе се расипе.

Пријателство значи понекогаш да имаш трпение и да ги проголташ сопствените несигурности и да не му го расипеш радосниот момент на пријателот.

Пријателство значи понекогаш да премолчиш на сметка на другиот, а не во секој важен момент од животот на пријателот да му ја згорчиш радоста и потоа да го игнорираш тоа.

Пријателството е... навистина комплицирана работа. И иако е многу важно да имаме пријатели во лоши времиња, важно е да имаме пријатели и во среќни времиња. Што е животот ако немаме со кого да споделиме убави вести и ако немаме кој искрено да ни се израдува на успесите?

Во животот сфатив дека е полесно е да најдеш некој кој ќе мизерува со тебе, отколку некој кој ќе се радува со тебе.

И полесно е да најдеш некој кој во прва прилика ќе ти каже што направил за тебе, а што ти не си направил за него, иако ти никогаш нема да кажеш што си направил за пријателството, затоа што пријателството не е вага на која се мерат работите... И бидејќи ти не набројуваш што си правел, ти на крајот си лошиот пријател, но нејсе, барем совеста ти е чиста, а секој си проценува самиот за себе.

И нека боли колку сака, ама никогаш своите постапки нема да ги ставам на вага и нема да бројам, затоа што вагата ја користам само за мерење на килограми, а не за да ги мерам работите кои сум ги направила за некого. б