Поезија: Десанка Николова - Не кажувај сè што знаеш

Десанка Николова - Не кажувај сè што знаеш

Од не знам и не можам, поубаво нема,
велат, молчењето е злато,
затоа не кажувај сѐ што знаеш,
така повеќе ќе те ценат.
Во животот најубаво поминуваат,
оние што ништо не знаат,
здравјенцето си го гледаат,
мирот си го чуваат,
времето пари им вреди,
главоболки си немаат.
Ама, не се скроени сите такви да бидат.
Има едни будалетинки,
со души три педи поголеми,
со срца од злато направени,
знаат уште од далеку ко ќе те видат,
дека нешто те јаде, те мачи,
по неколку свои планини на плеќи носат,
ама ќе ти помогнат твојата да ја искачиш,
оти ништо не им е проблем
и сѐ знаат и сѐ можат,
а можеби најмногу помош им треба,
секогаш ќе ти помогнат,
ете за нив ништо тешко нема.
И не се жалат никогаш на својата мака,
те видат ли паднат,
без збор да речеш, ќе ти подадат рака,
а длабоко во себе патат,
оти луѓето не ги разбираат,
добрината не можат да им ја сфатат.
Често и зад грб ги зборуваат,
со приказни разни, од уста не ги вадат,
не дека до нив тоа не доаѓа,
ама така се скроени,
пак ќе помогнат, душата ќе си ја дадат.
Ете луѓето тоа не го ценат,
колку што им треба ќе земат,
затоа од не знам поубаво нема.