Почнува сезоната на летувања: Во кои земји Македонците имаат бесплатно здравствено осигурување?

За туристите за време на летувањето може да бидат актуелни разни болести како што е висока температура, повреди во сообраќајна несреќа или убоди од инсекти, алергија, хипертензија, мозочен удар или скршеници, кои не можат да бидат одложени до враќањето дома.

Според информациите на Фондот за здравствено осигурување во 17 земји македонските граѓани може да добијат бесплатни здравствени услуги.

Но, за да се добие оваа здравствена услуга, македонскиот граѓанин треба пред да замине во странство да аплицира до Фондот за двојазичен образец.

Образецот е бесплатен, а пред патувањето осигуреното лице треба до службата на Фондот да поднесе пријава за задолжително здравствено осигурување, како и пополнето барање за издавање на двојазичен образец за една од наведените земји. 

Кон барањето се приложува и потврда за здравствената состојба издадена од матичниот лекар, а за жените и девојчињата постари од 12 години потврда од матичниот гинеколог дека немаат хронична болест.

Бремените жени само до осмиот месец од бременоста можат да добијат потврда од гинеколог. Пред издавање на образецот неопходно е и позитивно мислење на лекарската комисија при Фондот дека лицето нема хронично заболување, а таа се добива за еден ден.

Според информациите објавени на официјалната веб страна на Фондот за здравствено осигурување македонските граѓани ова право можат да го користат во Германија, Австрија, Турција, Хрватска, Словенија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Босна и Херцеговина, Чешка, Холандија, Луксембург, Белгија, Франција, Италија, Словачка и Албанија.

Под итна и неопходни здравствена заштита се подразбира користење здравствени услуги, чиешто пружање не може да се одложи до планираното враќање во Република Македонија.

Патничко осигурување од половина евро на ден

При патување во странство граѓаните треба да се обезбедат со основно патничко осигурување за да може да користат здравствени услуги во земјата каде што ќе престојуваат. Туристичките агенции при понудата на нивните аранжмани ги потсетуваат граѓаните дека треба да се снабдат и со ваков вид патничко осигурување.

Без разлика дали се патува во земја која е членка на ЕУ или не е, патничкото осигурување, дадено од осигурителните компании, чини половина евро на ден. Тоа значи дека колку дена сте на одмор за толку дена секој член од семејството треба да има вакво осигурување.

Основното патничко осигурување, кое е задолжително за сите патувања во странство, покрива основни медицински трошоци во странската држава, надомест за изгубен багаж и надомест при несреќни случаи.