Откако родилка скокна од прозорец на Гинекологија: Доктор Ненад испрати порака за подигнување на свеста

Доктор Ненад Лазаров испрати порака преку неговиот профил на фејсбук, откако вчера родилка скокна од првиот кат на скопската Гинекологија.

- Психолошката состојба на родилките, првенствено постпородилната депресија е нешто на што исклучително малку или воопшто не му посветуваме внимание како здравство и како општество. Не смее да се занемари и сопругот и неговата поддршка и учество во целиот процес, од самата бременост па се до раѓањето и пуерпериумот, кој има круцијална улога за менталното здравје на родилката, особено во првите денови по раѓањето, објави Лазаров.

Лазаров вели дека постпарталната психоза не е честа појава.

- Иако за среќа не е честа појава, постпарталната психоза оправдано се смета за здравствена итност, се случува 0,09 до 2,6 од 1.000 раѓања, а неретко резултира со обиди за суицид, доста често во позадина има претходна психичка состојба, објави Лазаров.