Победничко селфи од соблекувалната: ЖРК Вардар го сруши европскиот првак

ЖРК Вардар славеше над Будуќност 26:24 (11:11), во дерби мечот кој се одигра во рамките на претпоследното коло во фазата по групи, во Лигата на шампионките. „Црвено црните“ ракометарки, предводени од голманката Лејно, го срушија европскиот првак со одличната игра во последните девет минути од натпреварот.

„Ако успееме да постигнеме повеќе од 22 гола, тогаш имаме шанси да го победиме Будуќност“, изјави тренерот на ЖРК Вардар, Индира Кастратовиќ, пред мечот со европскиот првак и токму тоа се случи на теренот во „Јане Сандански“. ЖРК Вардар успеа да ја забележи првата победа над Будуќност во натпреварите од Лигата на шампионките, победа која дополнително ќе ја крене самодовербата кај ракометарките.

Мечот помеѓу Вардар и Будуќност во целост го оправда епитетот дерби на колото во Лигата на шампионките. Голема борба, цврсти одбрани, расположени голманки, го обележаа мечот во кој ниту една од екипите немаше предност поголема од три гола.

Натпреварот беше решен во последните девет минути, кога вардарки со серија од пет гола, негативата од 20:22, ја претворија во позитива од три гола 25:22.

Во текот на натпреварот двете екипи имаа можност да создадат и поголема разлика, но такво нешто не дозволија голманките, кои блескаа на теренот: Амадин Лејно имаше 19 одбрани, а нејзината колешка од спротивниот табор Марта Ждериќ 16 успешни интервенции.

Стрелците кај Вардар ги предводеше Барбара Лазовиќ, која постигна шест голови и го одигра најдобриот натпревар во вардаровиот дрес. Гол помалку постигна Андреа Пенезиќ, а Јованка Радичевиќ против поранешниот клуб постигна четири гола.

Катарина Булатовиќ со шест гола, три од седмерец, беше најефикасната во редовите на Будуќност.

Моментот беше одбележан и со едно славеничко селфи од соблекувалната, кое голманката Драгана Петковска го постираше на својот инстаграм-профил.