Патот до новата елитна населбa готов за шест месеци

Досега 80 отсто од патот до Сончев град се пробиен и асфалтирани, останува да се пробие и изгради делот кој се поврзува со патот што води кон средно Водно.

Како што пренесува Вест, истовремено се работи и на изградба и приклучок кон новата населба од страната на Сопиште каде што треба да се изгради кружен тек. Новиот пат ќе биде готов за шест месеци , од Сончев град до центарот на градот ќе се стигнува за десетина минути.

Од пред неколку месеци почнати се и градежните работи во новата населба Сончев град. Инвеститорот турската фирма "Џеваир холдинг" работи на пробивање на улиците во населбата и на изградба на инфраструктурата.

Пред три години Општина Сопиште потпиша договор со турската фирма "Џеваир холдинг" за изградба на новата елитна населба Сончев град. Предвидена е изградба на луксузни куќи и на вили со посебен режим на користење и заштита, со минимална површина од 500 квадрати на секоја од парцелите за градба, потоа индивидуално домување во различни видови куќи, самостојни, дуплекс, куќи во низи и атриумски куќи, и самостојни станбени згради и станбено-деловни објекти во блоковски низи. Во населбата ќе има училиште, градинка, трговски центри, како и зелени појаси и спортски терени.

"Џеваир холдинг" има обврска во рок од шест години да изгради барем 10 отсто од предвидените содржини во новата елитна населба.