Во пресрет на летните гужви: Возиме на автопатот од Скопје до Гевгелија

Табановце – Богородица, 173 километри патна делница. Оваа магистрала која минува низ Македонија е дел од меѓународната рута Е-75. Таа почнува во Норвешка, поминува низ седум земји, а нејзина крајна цел е островот Крит.

Како што перенесува Сител , вкупната должина од над 5 и пол илјади километри изобилува со тунели, мостови, удолнини. И делот од автопатот кој минува низ земјава ги поседува овие карактеристики. Преку кумановското поле, низ скопската котлина, делницата продолжува по долината на реката Вардар. Првиот тунел и максималната брзина за возење ограничена на 50 километри на час, се најава дека патот минува низ клисура со остри стрмнини. Дополнително забавување предизвикува и повременото затворање на една коловозна лента. Знаците предупредуваат дека на дел од патот се изведуваат градежни работи.

Пред излезот од долината на реката Вардар, исклучувањето од автопатот нуди можност за одмор. Вештачкото езеро „Младост“ крај Велес е место кое често го посетуваат патници кои транзитираат низ државата. Шумскиот појас и неколкуте угостителски објекти, „Младост“ го прават привлечно за туристите кои се движат кон јужната граница.

Времените сообраќајните знаци повторно предупредуваат дека има градежни работи на автопатот, овој пат на делницата која минува крај Велес. Се поставуваат нови елементи за поврзување на мостот со коловозните ленти.

Удолнината пред велешкото село Караслари е најава дека автопатската делница продолжува низ претежно рамнински терен. По изминати 20-тина километри, повторно се нуди место за одмор но и запознавање со богатата македонска историја. На површина од 1.600 метри квадратни се простира археолошкиот локалитет „Стоби“ за кој се претпоставува дека древниот град бил основан во 359 година пред новата ера.

Автопатската делница од паневропскиот коридор 10 продолжува да се протега низ најголемиот вински регион во државата. Тој почнува во Неготино а завршува кај Демиркаписката клисура.

Делницата Демир Капија – Смоквица е единствениот дел од коридорот А1 кој нема автопатско решение. Тесните коловозни ленти, големиот број на возила и острите кривини, овој патен правец го прават небезбеден за сообраќај. Во изминатите неколку години, токму овде животот го загубија многумина – сите странски државјани.