Општина Центар иницира итна седница поради загадувањето

Поради големото загадување на главниот град, граѓаните се повеќе се огласуваат преку социјалните мрежи во очекување дека властите ќе превземат итни мерки за решавање на проблемот. 

Иницијатива за итна седница на сите одговорни, побара утрово Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски. Во моментов, поради комплексната политичка ситуација и претстојните избори, партиите се ангажирани со кампањи, но прашање од јавен интерес кое не засега сите нас е воздухот кој го дишеме. Жерновски побара итна седница и превземање на итни и неопходни мерки за справување со ситуацијата. 

На неподносливо загадување се жалат најмногу во Аеродром и Центар. Во текот на вечерта по социјалните мрежи кружеа видео снимки на кои јасно се гледа како ветерот носи густа магла покрај кејот на Вардар. Според мерењата на извесни места загадувањето, односно концентрацијата на ПМ10 честички е помеѓу 6 и 8 пати повисока од дозволеното.

Од Град Скопје најавија дека прскањето со оцет на коловозите кое е мерка против загадувањето сеуште нема да се спроведува. Одговорните велат дека прскањето со калциум магнезиум ацетат се врши само во услови кога зголемен индекс на загадување ќе биде забележан неколку дена по ред. Мерката влезе во употреба минатата година откако исто така јавноста изврши силен притисок врз властите. За спроведување на истото, поволно е временските услови да се стабилни, односно да нема дожд или снег.