Новиот Луна-парк ќе има детски, адреналински и семејни реквизити

Од наредната недела градските власти конечно ќе започнат со конкретни активности за изградба на долго најавуваниот нов Луна-парк. Планираат да купат два адреналински реквизита, шест парчиња семејни и 18 детски реквизити. Парите за нив ќе бидат обезбедени од градскиот буџет. Проценето е дека целиот Луна-парк, неговата изградба, набавката на реквизити и слично, ќе чини околу 6,5 милиони евра.

Според предлог-одлуката за изградба на паркот, тој ќе се гради на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија, кое е доделено на трајно користење на Град Скопје со одлука на Владата. Според деталниот урбанистички план „Централен градски парк – блок 3“, парцелата за забавниот парк е на истото место како сегашниот парк, а има површина од 84.040 квадратни метри со намена, парковско зеленило, спорт и рекреација.

„Средствата за изградба на Забавниот парк ќе се обезбедат од Буџетот. Од причини што проценетата вкупна вредност не може да биде обезбедена во текот на една година, изведбата ќе се одвива во фази при што и финансиските средства за изградбата на паркот се планира да бидат обезбедени од буџетите на Градот Скопје во текот на 2016, 2017 и 2018 година“, се вели во предлог-одлуката за изградба на Луна-паркот, за која ќе се расправа на седница на Советот што е закажана за в понеделник.

Инаку, Градот дефинитивно најавува дека самостојно ќе го гради забавниот парк, иако до скоро имаше идеја тоа да се направи по пат на јавно приватно партнерство. Засега, нема конкретни најави дека во изградбата свој финансиски придонес ќе даде и Владата, како што се очекуваше.

Предвидено е новиот Луна парк да се протега на површина од 82.000 квадратни метри, на местото на постојниот. Паркот ќе го сочинуваат административни објекти, нови забавни реквизити за возење во согласност со европските стандарди за безбедност, објекти за служење храна и пијалаци, за продажба на сувенири, затворен дел за играње, паркинг... Проценето е дека новиот Луна-парк годишно ќе има 200.000 посетители, најмногу семејства и деца до 15 години.