Скопје конечно ќе добие забавен парк изграден по сите светски стандарди.

На денешната седница на Советот на Град Скопје ќе бидат донесени две важни одлуки поврзани со реализација на капиталниот проект – изградба на нов Луна парк.

-Станува збор за проект кој е од исклучителна важност за градот како развиен културно-историски и спортско-рекреативен туристички центар, кој со изградбата на еден ваков нов и модерен забавен парк ќе понуди забава и возбуда, а во исто време и ќе пружи поголема безбедност за неговите посетители. Со изградбата на новиот забавен парк се реализира проект кој ние го ветивме за време на локалните избори во 20113 година, со што уште еднаш се покажува разликата помеѓу тие коишто со реализирање на проекти ги исполнуваат дадените ветувања кон граѓаните и оние кои кариери им се базираат на празни ветувања и немаат реализирани ниту еден проект за подобрување на животот на граѓаните, истакна Слободанка Алексовска, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во Град Скопје.

Новиот Луна парк ќе се реализира на површина од околу 24.000 метри квадратни, а неговата изградба и поставување на нови реквизити ќе се одвива во период од три години, поточно до 2018 година.

Ќе се изврши целосна промена на старите и дотрајани реквизити, кои во најголем број не се заменети од последната реконструкција на Луна паркот во 1973 година.

-Изградбата на новиот Луна парк вклучува влезна партија со билетара, продавница за сувенири, канцеларии за дминистрација, тоалети и гардероби за вработени, во отворениот простор ќе бидат изградени и продавница за слатки, храна, јавни тоалети, ресторан како и затворен мулти-наменски објект во вид на школка. Целиот простор ќе биде партерно и хортикултурно уреден, со водена површина-езеро, а ќе биде поставена и урбана опрема во согласност со темите кои ги прикажува забавниот парк, додаде Алексовска.

Главниот забавен дел ќе се состои од набавка и монтажа на два адреналински реквизити, шест семејни реквизити и 18 детски реквизити.

Вкупната проценета вредност, односно набавка на реквизити и нивно монтирање изнесува 400 милиони денари.

Како што додаде Алексовска, со новиот забавен парк се очекува да се генерираат зголемени приходи од работењата на паркот со годишна посетеност од околу 200.000 посетители.