Нема да пронајдете виножито доколку постојано трчате по бури...

Пред некој седев дома и размислував за некои од разговорите со моите пријатели за животот, врските, семејство, работа. Ме натера да сфатам колку имам пораснато како личност во изминативе две-три години, во поглед на работите кои ме интересираат, како реагирам на работите, како се чувствувам кога некои теми ќе започнат да се дискутираат и колку сум доследна до себе во разговорите. И се гордеам со тие работи.

Секогаш, секогаш сум била позитивна личност. Секогаш сум им верувала на луѓето, дури и кога не заслужувале. И генерално секогаш сум се грижела за луѓето. 2018 и 2019 година беа многу тешки години за мене и многу чудни работи ми се случија во секој аспект од мојот живот. Многу промени, проблеми и неочекувани настани.

Но, додека поминував низ сите тие работи, дадов сè од себе за да имам насмевка на лицето, да држам чекор со животот и да имам верба дека сè се случува со причина. И навистина е така. Но, имаше денови кога таа насмевка исчезнуваше и имаше периоди кога морав многу напорно да работам и да се трудам за да ја задржам позитивноста во животот.

Во никој случај не велам дека животот е полн со виножита и еднорози. Ниту пак дека мора секогаш да бидете позитивни, макар и на сила. Невозможно е секогаш да имате насмевка на лице, ниту пак е здраво. Но, она што го велам е дека ако постојано се фокусирате на СЕКОЈА негативна работа во вашиот живот, никогаш нема да најдете причина за насмевка. Ако постојано трчате по „бури“, никогаш нема да најдете виножито во животот. 

Толку сме навикнати на тој живот, што паѓаме во дупка од која се чини дека нема излез. Пред да се свестиме, дури и добрите работи во животот ги уништуваме со негативност, без оглед на тоа дали сме ние тие кои ги создаваме или не. Кога постојано трчаме по драми, проблеми и кога постојано се сомневаме во работите, тоа е и она што ќе го пронајдеме, затоа што тоа е она што го бараме. Но, таа возбуда е краткорочна. Кога ќе завшри, бараме нешто друго, но слично. И тоа е магичен круг од кој нема излез.

Понекогаш не сме ни свесни дека го правиме тоа. Кога ќе бидеме во можност убаво да погледнеме, да видиме и да го прифатиме тоа, тогаш можеме и да го промениме. И тогаш сфаќаме дека имаме потреба за добри работи во животот. И тогаш почнуваме да ги пронаоѓаме виножитата. Ова не е секогаш лесна работа. Но, кога сме способни да сфатиме дека ние избираме да долеваме масло на огнот и да предизвикуваме бури, ние сме способни и да го запреме тоа. На тој начин можеме да поминеме низ која и да било бура на нашиот пат и да го допреме виножитото на крајот од тој пат.