„Научивме да си мизеруваме, мнозинство сме на маратон наместо на протест“

Професорката Тамара Јованов повторно со „освестувачки“ статус на фејсбук. И овој пат со свој осврт за апатијата на граѓаните, во услови кога секојдневно се случуваат скандали. 

Ова е нејзиниот став: 

Денес, видно потресени за детето врзано за радијатор (иако е јавна тајна).

Вчера, видно потресени за онкологија.

Некна, за немањето лекови за дијабетичари и цистична фиброза.

Претходно, за умирањето по ходници и пред банкомати во Ковидот.

Пред некоја година, за СЈО скандалите.

Пред 10тина, за прислушкување.

Утре, да има пак протести и маратон, мнозинството, на маратон ќе си отидат.

Тешко дека сме видно потресени.

Повеќе ми личи дека научивме да си мизеруваме и дека само наоѓаме бројни начини за бегство од реалноста, наместо да собереме сила да ја промениме.

Народ кој нема сили да се бори за својата реалност, нема ни многу право да се жали над истата.

Никој ништо нема да ни подари.

Никој ништо не ни должи.

Светот е суров - ќе се бориме или нема да постоиме (и ќе не' врзуваат за радијатори).

Ама, вие си знаете; големи сте, порача Јованов.