Наскоро ќе се купува алкохол во секое време, цените на лиценците ќе останат исти

Министерството за економија, законските измени со кои се предвидува укинување на одредбите за ограничување на времето во кое може да се купи алкохол  наскоро ќе ги стави на јавно разгледување, а потоа ќе се чека и на нивно официјализирање преку собраниска процедура за што ќе биде потребно изгласување и од пратениците, пренесува Фактор.

– Министерството за економија работи на подготовка на измена на законот за трговија и набрзо се планира негово објавување на ЕНЕР системот за коментари од бизнис секторот и други чинители, велат од Министерство за економија.

Со оглед на тоа што во досегашната јавна дебата се споменуваа и бензиските пумпи како трговски објекти на кои би можеле да се продава алкохол, еве што одговориле од МЕ.

– Предложените измени во Законот за трговија ќе бидат во фунција на укинување на ограничувањата во Законот кои беа воведени во 2008 година, а кои се однесуваат на ограничувањето на времето на продажба на алкохолни пијалаци во трговијата на мало и можност алкохолни пијалаци да се продават во киосци, освен на бензинските станици, стои во одговорот од министерството.

Исто така трговците може да бидат мирни бидејќи не се планирани измени или поскапување на актуелните лиценци за продажба на алкохол, ниту пак на нивно поевтинување. Ова за нив е важен сегмент бидејќи од здруженијата велат дека голем број на трговски субјекти по ограничувањето за продажба на алкохол не ги продолжувале лиценците, па сега ќе треба одново тоа да го сторат.