Над 30.000 јајца поништени како небезбедни пред Велигден

Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека повеќе од 31.000 јајца се поништени како небезбедни во инспекциските контроли пред велигденските празници.

Спроведени биле 181 вонредни, засилени контроли во производството, преработката, дистрибуцијата и продажбата на јајца на македонскиот пазар, а од нив, 110 во малопродажните објекти, а 35 на зелените пазари и 36 на сортирници за јајца.

„Од контролите е констатирано дека дел од операторите со храна извршиле несоодветно класифицирање и означување на јајцата, не поседувале комерцијален документ што ја следи пратката и во промет пуштиле бојадисани јајца во неодобрен објект за таа намена“, соопшти АХВ.

Констатирани биле и други недоследности од помал обем, а инспекциските служби издале 10 решенија за отстранување на констатираните недоследности. АХВ додава дека спроведени биле и четири едукации, а изречени се четири парични казни.