Да одиш во Штип, Кратово или Велес, а да не пробаш од нивниот специјалитет исто како и да не си бил таму. Станува збор за ист специјалитет, но сепак различен. Секој се натпреваруваат чија ќе биде повкусна и попозната.

Пастрмалија е македонски специјален вид на пита направен од тесто и месо. Традиционалната пастрмалија има долгнавеста форма со сецкано месо врз неа. Името потекнува од зборот пастрма, што значи солено и сушено месо од овца или јагне.

Во чест на пастрмалијата, секоја година во Штип и Велес традиционално се одржува манифестацијата.

Најпознатите пастрмајлии во Македонија се во Штип, Велес и Кратово, а еве кои се разликите:

Кратовска пастрмајка е едно од најпознатите македонски традиционални јадења во Кратово. Се подготвува од чадено (пушено) свинско месо, тесто од одбрано македонско брашно, со јајце по избор и задолжително гарнирано со лута феферонка. Спојот на овој кратовски традиционален специјалитет со кратовско црвено вино доведува до вистинско гурманско уживање.

Кратовска пастрмајлија, или, по кратовски пастрмајка- од велешката, штипската и радовишката се разликува по тоа што се прави со чадено месо.

Која е тајната на Штипските пастрмајлии: Квалитетно свежо месо, маст, црвен пипер, добро брашно и многу љубов.  За разлика од кратовската, која има чадено месо, во штипската се става свежо. Тестото е исто.

Велешката пита се подготвува од свинско и овчо или козјо  солено  месо наречено пастрма, а одозгора се полева со јајца. Во Велес овој специјалитет се прави од 1862 година или точно 155 години. Низ годините пастрмајлијата ја подготвувале велешките домаќинки и фурнаџии, а денес се подготвува и во велешките домаќинства.

Пастрмајлијата е вид бренд на велешките кафеани и ресторани и бренд на Велес по кој градот е познат не само во Македонија, туку и пошироко на Балканот.

Која пастрамајлија според вас е поубава, повкусна и повеќе сакате да ја имате пред вас: Штипска , Кратовската или пак Велешката?