Кој ќе вдоми улично куче, ќе добива 50 евра месечно: Субвенции за граѓаните на Приштина

Проблемот со уличните кучиња не е присутен само во Македонија, туку го има и во соседните земји. Откако пред два дена во центарот на Приштина кучиња скитници искасаа дете, градоначалникот Перпарим Рама реши да почне акција за нивно отстранување.

Надлежните служби најавија дека кучињата ќе ги испратат во прифатилишта со лиценца, каде што ќе бидат соодветно третирани и потоа подготвени за посвојување.

Сите кои ќе покажат интерес за посвојување кучиња ќе бидат субвенционирани со 50 евра месечно.

- Лице што земe куче ќе се субвенционира со 50 евра месечно. Граѓаните можат да земат до пет кучиња, велат од градот.

Со оглед на тоа дека и Скопје има идентичен проблем со уличните кучиња, и покрај акциите на ЈП „Лајка“ за заловување на животните, можеби градот треба да размисли за слично решение.