Инспектори за скијање ќе ловат кој скија наназад

На 1 јануари 2017 година стапи во примена новиот Закон за скијалишта. Освен високи казни, новиот закон носи и доста новини.

Глоба во износ од 3.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правно лице - скијачки центар односно трговец поединец – скијачки центар, ако: не го направи скијалиштето достапно за сите корисници под исти услови, не ја контролира општата состојба на скијалиштето и не го одржува во исправна состојба, односно во состојба која што овозможува наменско и безбедно користење на патеките, не го уреди и опреми скијалиштето така што е безбедно за корисниците, на скијалиштето не обезбеди редарска служба, спасувачка служба и служба за итна медицинска помош, не овозможи користење на скијалиштето за организирање на скијачки натпревар, го користи скијалиштето иако користењето е привремено забрането и одржува спортска приредба и покрај забрана.

Глоба во износ од 2.500 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правно лице - скијачки центар односно трговец поединец – скијачки центар, ако дозволи вршење на специјализирани зимски спортски активности надвор од скијачките полигони, отстапи од пропишаните услови за уредување на ски патеките, не ги посебно обележи и не ги осигури опасните места на ски патеките, не ги класификува и не ги обележи патеките според степенот на тежина, ја дозволи употребата на моторни санки на ски патеките, нема обезбеден систем на врски на скијалиштето со најблиската здравствена установа и надлежниот орган за внатрешни работи, на влезот во скијалиштето не ги објави на погоден начин причините за привремен прекин односно забрана за користење на скијалиштето. 

Глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правно лице - скијачки центар односно трговец поединец – скијачки центар, ако: употребува механизација за уредување на ски патеките за време на работа на жичарите и ски-лифтовите, а не преземе мерки за обезбедување на сигурноста на скијачите, не пропише правила за ред на скијалиштето, не се придржува до утврдениот план за работа за сезоната на скијање, не ја распореди опремата и средствата за спасување така што се достапни во најкус можен рок и не ги смести на видно означен простор, не обезбеди на скијалиштето соодветна опрема и простор за спасувачката служба и задржување на повреден или ненадејно заболен скијач.

Глоба во износ од 1.500 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правно лице - скијачки центар односно трговец поединец – скијачки центар, ако: не ги означи границите на скијалиштето на клучните места со ознаки коишто се видливи во услови на нормална видливост, возилата за механизација за уредување на ски патеките не ги обои со упадлива боја и не ги опреми со соодветни светла, не обезбеди следење на временската состојба во подрачјето каде што се наоѓаат скијалиштата, за подолги прекини со работа на скијалиштата не ја извести јавноста преку средствата за јавно информирање, дозволи работа на скијалиштата ноќе, а за тоа не постојат технички и временски услови и не е обезбедена сигурноста на скијачите, видно и јасно не го означи седиштето на спасувачката служба, не ги истакне правилата за работа, работното време на скијалиштата и жичарите, цените за користење на уредите, опремата, просторот и услугите на скијалиштето и не се придржува до истите во работењето, определи за шеф на патеките лице кое што не ги исполнува условите од овој закон; редарската служба ја извршува лице кое што не ги исполнува условите од овој закон; не ги извести надлежните органи за точниот почеток на сезоната на скијање и др.

Продолжува на наредната страна....

Кои се должностите на скијачите според новиот Закон за скијалишта?

Скијачите се должни да ги почитуваат правилата за ред на скијалиштето и упатствата и предупредувањата што им ги даваат редарите. Според Законот, скијачот е должен:

1) на патеката да се однесува на начин што не ги загрозува или повредува другите

2) да вози внимателно и брзината и начинот на возење да ги прилагоди кон своето знаење и условите на патеката (опкружувањето) и делот на патеката, на временските и снежните прилики, како и на бројот на скијачи на патеката

3) да одбере линија (правец, насока) на возење така што не ги загрозува скијачите кои возат пред него и да биде во можност благовремено да одбегне судир со било кое лице или објект пред себе

4) да ги претекнува другите скијачи, било лево или десно, секогаш на такво растојание кое што им дава доволно простор за сите нивни покрети (движења)

5) кога сака да се вклучи во возењето на определена патека или кога, по сопирање на патеката, продолжува да вози, задолжително да се увери, со гледање над и под себе, дека може тоа да го направи без опасност за себеси и другите

6) да не застанува ако тоа не е нужно (прекин на возењето) на тесни и непрегледни делови на патеката и во случај на пад, што е можно побрзо да ослободи простор

7) во случај кога се качува, односно се враќа по патеката или кога се симнува пешки за движење да го користи исклучиво работ на патеката

8) да ги почитува поставените ознаки и сигнализација

9) во случај на несреќа на патеката да даде помош на другите

10) во случај на несреќа, без оглед дали е сведок или учесник, да ги даде своите податоци за идентификација на надлежната служба на скијачкиот центар (редарска или спасувачка)

11) да ги почитува упатствата на редарите

12) да скија со исправна и соодветна опрема, а посебно да користи скии кои што се опремени со средства (везови и друго) кои можат да ја сопрат скијата во случај таа да се оддели од скијачот

13) да не остава на патеката или да фрла на патеката предмети и материјали што можат да ја попречат или загрозат безбедноста на другите скијачи

14) за скијање на скијалиштето да ја користи исклучиво маркираната патека, освен во случај на опасност;

15) ако скијалиштето се наоѓа во заштитено подрачје согласно закон да ги почитува правилата кои се за користењето на заштитеното подрачје утврдени, во согласност со законот, од правното лице кое што управува со заштитеното подрачје

16) скијањето да го прилагоди на условите на патеката кога неповолни временски услови го зголемиле степенот на тежина на патеката и

17) задолжително да носи заштитна спортска кацига на сите ски патеки, освен на оние што се обележани како лесни патеки – со зелена боја, а доколку е на возраст до 14 години на сите ски патеки.

Што не смее да прави скијачот?

Според новиот Закон за скијалишта, скијачот не смее:

1) да скија на скијалиште, односно патека која што е означена како затворена

2) да уништува, отстранува, оштетува или на друг начин да ги загрозува поставените ознаки и сигнализација на скијалиштето

3) да скија на патеката доколку е под дејство на алкохол, дрога или некој психоактивен лек, односно средство кое што негативно влијае на неговите способности

4) да го напушти местото на судир со друг скијач пред да ги даде податоците за идентификација на редарската служба, освен во случај кога тоа е неопходно поради давање итна медицинска помош на повредениот, во кој случај по предавање на повредениот на медицинска грижа, ќе се јави на најблиската редарска служба на скијачкиот центар

5) да поставува било какви ознаки или да остава било какви работи (без надзор) на скијалиштето без дозвола на скијачкиот центар.

Лица со сноуборд, лица што се натпреваруваат и се учесници во други скијачки дисциплини се должни покрај мерките утврдени со ставот 2 од овој член, да преземат и други мерки кои што се соодветни на природата на конкретната зимска спортска активност, во согласност со соодветните меѓународни спортски активности (правилата на FIS).