И нашите дечиња од наредната година ќе може да му испраќаат писма со желби на Дедо Мраз

По 30.000 писма адресирани до Дедо Мраз стигнуваат во поштите низ светот. Во нив најмалите ги пишуваат своите желби во Новата година. Кај нас засега нема таква можност, но за наредната Нова година, Македонска пошта размислува да воведе специјално писмо во кое нашите деца ќе му пишуваат на Дедо Мраз.

Желбите на најмалите се различни, поскуваат да им се купи мотор, фустанче, тато да си дојде од Америка…

Најискрените желби секогаш доаѓаат од децата. Токму затоа не е непознато дека голем дел светските пошти имаат воведено писмо на кои дечињата за време на новогодишните празници може да му пишуваат на Дедо Мраз. Во Норвешка, на пример, тамошната пошта за новогодишните празници сејкоја година добива повеќе од 30.000 писма наменети за Дедо Мраз.

Еве што Норвежанчињата поскала годинава: Сакам колбаси за вечера, секој ден, цела година; Сакам да имам 12 години до крајот на животот, ако е тоа возможно; Можеш ли да ме направиш поубава од другарка ми Сабрина? Тоа е мојата единствена и најголема желба!; Ако мама и тато веќе ти пратија писмо во кое велат дека не сум бил добар оваа година, тоа е вистина. Но, сети се дека многу се променив пред две недели; А, ти што правиш кога има војна? Не можеш да леташ низ светот!

Кај нас нашите дечиња досега не можеа да му се обратат преку писмо на Дедо Мраз, бидејќи во Македонска пошта немаше таква можност. Од Македонска пошта велат дека досега немале таква акција, но сериозно се размислува за воведувањењ на специјално писмо од следната година адресирано до Дедо Мраз.

– Размислуваме да се воведе писмо кое би се испратило до Дедо Мраз и во оваа акција би се вклучиле сите училиштата. Од друга страна целта ќе биде и да се врати пишаната форма, честитките кои во моментов од година в година се намалуваат, велат од поштата.

Акции со детски новогодишни желби се организираат поединечно, како пишување на желби и закачување на елка или во дел од скопските градинки дечињата на разни начини си ги изразуваат своите желби. Во една градинка, на пример, на хамер беше нацртана зграда со прозорчиња. Под секое прозорче беше испишано името на секое детенце, а кога ќе го отвориш прозорчето можеше да се прочита неговата желба.

Еве за што нашите дечиња мечтеат: Дедо Мраз, те молам, да ми донесеш нови чизми, бев добра годинава и те молам донеси ми!; Оваа година сакам дупло повеќе подароци од лани; Дедо Мраз сакам фустанче од Елза и сакам мама да може да купи пари за да ми купува цело време работи како на принцезите”, Дедо Мраз сакам вреќа со пари, да може се да си купам; Дедо Мраз сакам тато да си дојде од Америка и да ми донесе кученце да си играм по цел ден со него”…