Груевски изврши увид на новиот пат од Прилеп до Волково

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска изврши увид на веќе изградениот локален пат од Прилеп до селото Волково во должина од 3,5 километри што е реализиран со средства во износ од 25 милиони денари преку владината Агенција за рурален развој.

Градоначалникот на Општина Прилеп Марјан Ристески му рече дека во селото Волково има околу 150 жители, но голем дел од граѓаните на Прилеп таму имаат ниви или викендички поради што многу често го користат овој пат кој претходно бил земјен и воопшто немало асфалт.

Ристески рече дека Општината планира наскоро да ги направи и локалните патишта и до населените места каде што има мал број жители поради заинтересираноста што ги нуди поволностите Владата за лицата кои ќе се одлучат да се вратат во руралните средини.

Тој истакна дека во последниве 11 години во општина Прилеп се изградени преку 200 километри магистрални, регионални и локални патишта, како и улици во градот и додаде дека при преземањето на функцијата градоначалник дури 62 отсто од улиците во Прилеп не биле асфалтирани, а градот имал и огромни проблеми со водоснабдувањето бидејќи тие улици немале ниту канализациска ниту водоводна мрежа.

Инаку, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски соопшти дека во наредниот период ќе се одвојат средства за реконструкција на патот во должина од 12 километри Градско – Росоман, ќе се прави и патот Струга – Калишта, патот Средно Водно – „Св. Пантелејмон“ во Скопје, а почна и асфалтирањето на патот за Вашарејци кој беше ветен при минатонеделната посета на крушевското село Бучин.

Најави дека се планираат нови 150 вработувања во „Македонија пат“ заради потребата од поголема работна сила за расчистување на трасата на експресниот пат од Прилеп до Градско.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски рече дека веќе е завршена изградбата на гасоводот Клечовце – Штип и следниот месец започнува гасоводот за Неготино, а до година ќе се прави и гасоводната линија за Неготино – Кавадарци – Прилеп – Битола и му посочи на градоначалникот Ристески дека во втората половина наредната година Прилеп ќе биде приклучен на гасоводната мрежа.

Ристески информира дека во Прилеп се изградни 150 километри нова водоводна мрежа со што градот има најдобро водоснабдување во Македонија и нови 150.000 метри квадратни парковски површини кои се наводнуваат од бунари со техничка вода со издашност од преку 150 литри во секунда.