Доаѓа топлотен бран - еве што советуваат лекарите

Екипи на Брза Помош изминатите два дена интервенирале кај 5 случаи на труење со храна. Епилогот бил поволен за пациентите кои поминале без сериозни последици.

Покрај интервенција на лице место, од службата им даваат на граѓани и совети по телефон доколку проценат дека состојбата е со полесна клиничка слика. Поединчени случаи со труења има и на Инфективна Клиника, но велат дека нема простор за паника. Лекарите причините ги гледаат во зголемување на температурите и предупредуваат дека јули и август се најкритични месеци за салмонелози.

-Овој период е вообичаен за појава на интоксикации. Затоа препорака до сите граѓани – Овој период кога температурите се високи, храната што се готви веднаш да се консумира, или, пак, да се чува во фрижидер. Задолжително и добро миење на овошјето и зеленчукот и посебно да се внимава со јајцата кои мора добро да бидат сварени. Овој период е најповолен за размножување на овие бактерии и затоа треба добро да се внимава, вели др. Љупчо Пајковски од скопска Брза Помош

Покрај труењата, викендот скопската Брза Помош регистрирала и 7 колапси. Најголем број од нив биле на отворен простор и тоа кај повозрасни граѓани кои не ги почитуваат препораките на лекарите.

-Постојано апелираме, еве и сега пак ќе повториме...Без потреба да не се излегува од дома, особено во периодот кога е најтопло, многу течности, соодветна и лесна облека  и секако хронично болните редовно да ја земаат пропишаната терапија, вели др. Пајковски

Од среда синоптичарите најавуваат уште потопол период со зголемување на дневните температури. Ова треба да биде доволен аларм дека треба да се почитуваат советите на лекарите за да не дојде до труења со храна и колабирања по улици.