Препораки за заштита: Топлотен бран денес ќе ја зафати Македонија

Македонија денес ќе биде под влијание на топлотен бран од жолта фаза, најави УХМР. Поради високите температури, Министерството за здравство препорачува да се избегнува директна сончева изложеност и престој на отворено од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, заштитни очила и капа, консумирање лесна храна и течности, најдобро обична вода и избегнување алкохолни пијалаци.

МЗ посебно препорачува хронично болните лица редовно да ја земаат пропишаната терапија.

„Во текот на ваквите екстремно топли денови, останете во затворени простории, пред сè климатизирани, а при неопходен престој на отворен простор најдете можност за почести одмори под сенка. Пред влегување во возило, тоа да се проветри, да се внимава при подготовка и консумирање на храната, да се избегнуваат термички необработени производи, како мајонез од домашни јајца, и внимателно да се јадат сладолед и разни кремови“, се препораките на Министерството.

Под влијание на многу топла воздушна маса до крајот на месецот продолжува периодот на многу топло време со натпросечни максимални температури на воздухот, кои насекаде ќе надминуваат 30, а вдолж Повардарието и 35 степени.

Ултравиолетовото зрачење ќе биде многу високо, а вредноста на УВ индексот ќе изнесува 9.

До вторник во попладневните часови ќе има услови за појава на локален пороен дожд и грмежи, а не е исклучено овие процеси на места да бидат и поинтензивни. Услови за нестабилност ќе има и во Скопската котлина, особено во понеделник.