Денес е Духовден: Слегнување на светиот дух

Денеска се слави Света Педесетница – Духовден (Св. Троица) – педесет дена по Велигден Празник на Светиот Дух и на основањето на христијанската црква

На овој ден се исполнило Христовото ветување за доаѓањето на Светиот Дух – Духот на Вистината, Утешителот, Силата одозгора, ветувањето на Таткото, што Христос им го даде заповедувајќи им на апостолите да не се одалечуваат од Ерусалим додека тоа не се случи.

Празникот Духовден спаѓа меѓу големите Господови празници.

Овој празник се смета за роденден на Христовата црква. Имено, пред вознесението Христос им порача на апостолите да останат во Ерусалим и да го чекаат слегувањето на Духот-Утешител.

Се вика и Педесетница не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден туку и затоа што настанот се случил точно на еврејскиот празник Педесетница што Евреите го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги дал на Мојсие законите во Синајската Гора.

Празникот Педесетница, во народот познат како Духовден, е посветен на настанот на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, на педесеттиот ден по Воскресението Христово, односно на десеттиот ден по Вознесението Христово. За време на Својот земен живот, Спасителот повеќе пати им говорел на Своите ученици за доаѓањето на Утешителот, Духот на вистината, Којшто ќе го разобличи светот заради гревовите на луѓето, Којшто ќе ги научи апостолите на благодатниот пат на вистината и правдата и Кој ќе го прослави Христа.

Пред самото Свое Вознесение, Исус го повторил Своето ветување за праќањето на Утешителот: „Ќе примите cила кога на вас ќе слезе Светиот Дух“. После тие Негови зборови, учениците пребивале заедно и во молитва во исчекување на остварувањето на ова ветување Христово. Слегувањето на Светиот Дух се јавило со шум и над
секој од апостолите се појавил огнен јазик. Тие се исполниле со Светиот Дух и почнале да говорат на различни јазици. Бидејќи сите Свети Таинства во Црквата се случуваат преку Светиот Дух, овој празник се смета за роденден на Црквата.

Духот е критериум за се што се случува во црквата и на општ и на личен план. Во таа смисла, Духот од оној ден во Ерусалим непрестано слегува врз црквата на Литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен.

Денска, пак, не се оди на гробишта, бидејќи е Духовден. Тоа не е празник на мртвите, туку празник на Светиот дух и воспоставување на црквата на земјата.