Акција за бојкотирање на наставата на 20 декември е претставена на социјалната мрежа Фејбук при што се повикуваат сите родители да не ги пуштаат своите деца тој ден на настава за да се покаже дека е важна борбата против загаденоста на воздухот.

„За важноста на справување со загадувањето, како најголем и најопасен проблем потсетуваме веќе 4 години. Досега се обидовме со чести собири за искажување на назадоволството од непсравувањето со ниедна точка од овој комплексен проблем, да ги потестиме службениците да си ја сработат работата за која се нафатиле да ја сработат, а за што добиваат плата од наши пари. Бидејќи досегашните форми на протест не вродија со никаков плод, отсега го менуваме начинот на искажување револт“, oва стои во апелот што го упатуваат родители и нивните деца, кои се одлучени да ја бојкотираат наставата на 20 декември.

Под хаштагот #БојкотирамНастава тие ги повикуваат и останатите граѓани да им дадат поддршка во намерата.

„Со ова ќе укажеме дека проблемот не само што не е решен, туку и нема никакви најави дека ќе се реши, а уште помалку и дека било каква мерка ќе се спроведе. А ние, најмалку нашите деца и постари, немаат уште една година. Затоа, ширете ја информацијава, постирајте слики со ваши пораки и на 20 декември останете дома и поминете едно претпладне со вашите деца“, наведуваат иницијаторите.