Жителите на Кисела Вода избраа финасирање на проект од областа на живoтната средина

Граѓаните на Кисела Вода избраа животна средина, како област во која сакаат да биде реализиран проект кој ќе биде спроведен во рамките на „Зајакнување на општинските совети”, проект што го реализира Кисела Вода во соработка со УНДП, а го финансира Швајцарската Влада и Министерството за локална самоуправа.

Првата форумска сесија ја отвори градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

- Преку “Зајакнување на општинските совети” се обезбедуваат средства со кои може да се реализира проект за кој имаат потреба нашите жители. Тие ја бираат областа, тие го бираат проектот. За Општина Кисела Вода ова е уште еден чекор во постојаната борба за интегрирање на граѓаните во процесот на донесување одлуки. Транспарентното и одговорното креирање на политиките за нас има суштинско значење. Идеите и сугестиите на граѓаните и нашата реализација се она што ја прави општината Кисела Вода успешна. Токму затоа сметам дека е важно нашите жители да бидат активно вклучени во креирањето на политиките што ги засегаат, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски во своето обраќање, заблагодарувајќи им се на УНДП, на Швајцарската Влада и Министерството за локална самоуправа.

Збор зеде и претседателот на Советот на Општина Кисела Вода, Иван Живковски.

-Транспарентните општини каква што е Кисела Вода, обезбедуваат податоци и информации за своите активности и одлуки. Ова им овозможува на граѓаните да бидат подобро информирани за тоа како се трошат јавните пари и како се донесуваат одлуките што влијаат на нивниот живот. Исто така, граѓаните можат да се вклучат во процесите на одлучување преку давање на идеи, совети и мислења. Сепак, во цел тој процес, неопходна е поддршката на добрите проекти од страна на советниците. Затоа е потребна координирана соработка на советот со градоначалникот, како и со граѓаните. Проектот “Зајакнување на општинските совети” ги овозможува сите горенаведени постулати, а не треба да се заборави ни дека во негови рамки се изврши и обука на советниците и дел од аминистрацијата, со цел нивно поефикасно функционирање, истакна претседателот на Советот Иван Живковски.

По воведните обраќања, следеше презентација на проектот и дефинирањето на приоритетите од страна на граѓаните кои одговорија на јавниот повик на Општина Кисела Вода за нивно учество во форумската сесија.

Беа дискутирани предизвиците со кои се соочуваат, беа нудени соодветни решенија. Овие идеи се базата врз која ќе се гради проектниот концепт од кој на следните форумски сесии ќе произлезат предлог проектите од сферата на животната средина, бидејќи така одлучи мнозинството од присутните граѓани, велат од општината.