Жените денес дозволуваат да не бидат сакани, љубени, прегрнати...

Пораснав со две жени. Со две сосема спротивни точки на една иста линија. Со една која беше покорна и една која беше пркосна. Едната беше мека и нежна, а другата груба и остра. И двете ме воспитуваа обидувајќи се да ми го пренесат она што и двете мислеа дека е најдобро. И ме научија за животот најдобро што можеа. 

И така во мене се измешаа и двете. Таа нежната која плаче и кога некој лошо ќе ја погледне и онаа која е во состојба да се смее додека ѝ тече крв. Таа другата е опасна. И за мене и за другите. Таа е во состојба да те повреди додека ѝ се крши срцето само за да се заштити себеси. Таа е во состојба да се повреди и себеси за да си го одржи ветувањето дека ќе биде она што замислила да биде. 

Мојата баба беше пример за жена која е научена да биде послушна. За неа, не постоеше изборот да одбие желбата и заповед на некој маж кој ѝ е драг. Па така, брат ми ќе спомнеше дека е жеден и таа веднаш стануваше да му наполни чаша вода. Тој на полноќ ќе посакаше да јаде и таа веднаш ќе му зготвеше нешто. „Ќути си, остави, ќе помине“ беа работи кои нон-стоп ми ги кажуваше, а никако не можев да ги прифатам. 

За жал, сфаќам дека овие работи се втемелени во многу млади мозоци. Во сите сфери. Денес, во 21 век, кога жените се образовани и способни, повторно ТРПАТ и ДОЗВОЛУВААТ. Дозволуваат тие со поголема страст да ги гледаат натпреварите отколку нив. Трпат да оставаат чорапи насекаде низ станот. Дозволуваат некој да им ја зема платата и да кажува што ќе прават со неа. 

А тоа во денешно време е уште потажно отколку што било пред 100 години. Тогаш морале, затоа што биле финансиски зависни од мажите, па голата борба за опстанок ги приморувала на сѐ за да преживеат. Оној инстинкт кој во тие ситуации не се разликува многу од оној на животните, те тера да се бориш како знаеш и умееш. Слушајќи. Служејќи. За да можеш да добиеш пари за да купиш ручек, ЗА ВАШЕТО семејство. 

Жените денес трпат и дозволуваат да не бидат сакани, љубени и прегрнати. Жените денес мислат дека тоа е нормално. Жените денес се согласуваат да раѓаат деца за да го спасат бракот со мажот, затоа што тој ја остварува својата цел кога ќе ти направи барем три деца. Како печат дека си негова и дека тој е вистински маж. Тоа му е важно, иако последен пат почувствувал страст кон тебе пред околу 5 години.

Онаа друга крајност која ме воспитуваше, грубата и острата, ме научи дека во животот не треба да трпам ничии глупости. Па ни на твоите деца. Јас никогаш не бев безусловно на прво место само затоа што бев дете. Сѐ мораше да биде рационално и правилно. Затоа што животот ја учел дека нема многу време за сентименталности. Таа ме научи дека животот можеш да го совладаш дури и кога машки те удира, а тоа ќе го направиш со тоа што ќе се исправиш на нозе после секој удар. Таа ме научи секогаш да бидам своја и дека само така можам да бидам нечија. Да не бидам глупава, површна и послушна по секоја цена. Таа ме научи никогаш да не бидам она што не сум само за да бидам прифатена од околината.

Иако понекогаш во мене будеше чувство на неопислива лутина кога со грубост се обидуваше да ме оттргне од пречувствителниот дел од мене кој трепереше пред секој предизвик, таа ме научи да бидам жена. Ме научи дека морам да го слушам срцето, но да го користам мозокот. Ме научи да изберам маж кој ќе сака да бидам подобра, а не поприлагодлива.

Ма научи да сакам, но и да се чувам. Ме научи дека е океј да плачам. Зад затворени врати, седната на плочките во тоалетот, за да не види никој. И откако ќе се исплачам така, да станам, да измијам лице, да излезам и да се насмеам.

Тажно ми е кога ќе видам колку многу жени се учени на погрешен начин. Кои секое утро се будат мразејќи се себеси и оној покрај кого се будат. 

Тажни ми се изговорите: „поради децата“, „поради уморот“, „поради работата“.

Тажно е да бидеш толку несакана, што забораваш да се сакаш самата себеси. Тажно е да се бориш толку многу. Уште потажно е да се предадеш. Биди најдобра верзија на себе ЗА СЕБЕ. На кого му е гајле што ќе мисли некој маж. Или петорица мажи.