Запленети 115 парчиња опрема за скијање на Табановце, се обидел нелегално да ги внесе во државава

Царинските службеници на граничниот премин Табановце, минатата недела спречија обид за нелегално внесување на разновидна опрема за скијање во вредност од речиси 243 илјади денари за која е избегнато плаќање царински увозни давачки од 53 илјади денари.

Опремата била пронајдена при преглед на патничко возило со македонски таблички откако возачот кој исто така бил македонски државјанин им рекол на цариниците дека нема ништо за пријавување.

- “При извршената контрола царинските службеници во багажникот на возилото пронајдоа 115 парчиња опрема за скијање, меѓу која: кациги, штици, скии, стапови, очила, ранци и облека за скијање. Против лицето е поднесена пријава за царински прекршок по член 263 од царинскиот закон, а стоката е привремено одземена“, се вели во соопштението на Царината.