Како дете, ги гледаме своите родители како безгрешни и семоќни луѓе.  Ги гледаме силните раце на своите татковци како постојано создаваат нешто, нè заштитуваат и се грижат за нас. Ги гледаме своите мајки како постојано се грижат за нашите потреби и постојано се трудат да знаеме дека сме сакани. Додека растеме, иако нашите родители стареат, во нашите очи тие се постојано исти – млади и енергични.

Во денешно време, на сиот хаос на брзање, обврски и нарушени односи со луѓето, често забораваме на нашите родители. Забораваме на тоа дека и ним им е потребна заштита како на нас некогаш, дека им е потребна љубов и убав збор. Често се однесуваме како да немаме време ниту да им се јавиме, а камоли да отидеме да ги видиме,  да ги насмееме. Тие се луѓето кои нè израснаа, а кои ги земаме „здраво за готово“.

Треба да поминеме повеќе време со нив – најзначајните луѓе во нашиот живот. Тоа треба да биде нашиот приоритет. Треба да ги слушаме нивните приказни и нештата кои им значат. Треба да им покажеме колку ни значат, колку ги сакаме и колку сме благодарни за нивното присуство во животот.

Затоа, ако вашите родители се сè уште живи, бидете сигурни дека имате благослов во вашиот живот. Бидете сигурни дека имате огромно богатство.