За Прочка и простувањето (видео)

Пред нас е прекрасната Недела на простувањето – Прочка, ден во кој секој од нас е повикан да го отвори своето срце и да ги рашири своите раце за да ги прегрне сите луѓе, преку големото дело на простувањето. Зашто, нема ништо поубаво од тоа да се поттикнат благородни чувства во душата на секој човек.

Токму затоа, деновиве, Бигорскиот манастир подготви видео со наслов „Умилителна Вечерна на простувањето – Прочка во Бигорски“, во кое се искористени материјали од минатогодишното празнување во Бигорски, за време на Неделата на простувањето – Прочка. Токму во ова видео, на соодветен начин се прикажува најважната порака на овој христијански празник – простувањето.

Од особено значење е тоа дека, богослужбата од ваков вид, всушност е една древна традиција која оставила силен впечаток меѓу нашиот народ. На тој ден луѓето се охрабрувале да си подадат рака и да си простат и одново го започнувале своето пријателство. Еден од друг, молејќи за прошка, се соединувале преку љубовта, единството и братството, за очистени да го започнат Големиот Велигденски Пост.