Во училиштата ечи од паника: Зашто учениците немаат обука за земјотреси?

Паниката што за време на неодамнешниот земјотрес во Скопје избувнала во неколку скопски училишта при што настанаа турканици во училишните ходници и влезови, а две деца беа повредени, можеше да се избегне ако општините имаа повеќе слух за обука на учениците за однесување во вакви ситуации. За жал, такви обуки нема и покрај обидите на сеизмолозите да одржуваат вакви предавања кои ќе ги научат децата и наставниците како да ја совладаат паниката и да се заштитат при земјотреси, вели за „Дневник“ сеизмологот Kатерина Дрогрешка, од сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Сеизмолозите имале презентации само во две училишта и тоа на нивно инсистирање. Иако подоцна имаше интерес од наставниците и од директорите на училиштата да бидат информирани сите ученици, проблемот настанал кога овие презентации требаше да се подигнат на ниво на општини бидејќи немало интерес за тоа. Предавањата, инаку, се однесуваат и на децата и на возрасните – наставниците, како да се заштитат пред, за време и по земјотресот.

-Ние како сеизмолози разговараме со децата за с` што е поврзано со земјотресите, тие поставуваат прашања, а ние одговараме. Така се разбиваат стравот и табуата на оваа тема. Децата прашуваа кој се најсилните земјотреси во Македонија, зошто земјотресот има звук, што е цунами, што се тоа плочи и зошто се удираат, зошто има земјотреси, што се асеизмички градби, дали дома елементите се наредени добро, зошто не се стои до прозорец или балкон, во лифт кога има земјотрес, вели сеизмологот Дрогрешка.

Kога тресе, учениците да се скријат под клупи

- Децата најдобро паметат кога ќе им се покаже во пракса како треба да се однесуваат. Добро е да се знае дека ако децата се во училиште за време на земјотрес, тогаш треба да ја покријат главата со рацете и да се пикнат под клупа и така да чекаат земјотресот да престане. Потоа, веднаш - според планот за излез од училиштето – да ја напуштат зградата. Ако се надвор, да стојат подалеку од бандери или згради, да се упатат таму каде што има зеленило или некое игралиште. Ако се дома, да не трчаат по скали и во лифт и никако на балкон или во близина на прозорец, кусо советува Дрогрешка.