Во пресрет на утрешниот ден Св.Никола, стара домаќинка раскажува како ја подготвува славата

Утре православните верници ја чествуваат најчестата слава во македонските домови, Свети Никола. Станува зборза посна слава па на трпезата ќе доминираат посна сарма, посно гравче, риба.

Баба Станка е стара домаќинка, а Св. Никола е нејзина домашна слава,  како и на поголемиот дел од православните домаќинства.

-Уште додека бев дете се сеќавам дека оваа слава ја славеа мои баба и дедо. Потоа истата си ја презеде татко ми, па продолживме и ние да ја славиме. Кога се омажив и на семејството на сопругот беше Св. Никола домашна слава. Така продоложивме да ја славиме. Денеска јас имам веќе 70 години. Додека сме живи јас и сопругот ние ќе ја славиме, а потоа ќе ја наследат синовите. Оваа наша слава се пренесува од генерации на генерации. Св. Никола е светец, заштитник на нашето семејство, раскажува баба Станка.

Таа се сеќава какви биле славите во минатото, а какви се денеска.

-Во минатото на трпезата се знаеше дека има само посно гравче, туршија, кисела зелка и по некое пржено рипче. Денеска не е така. Секоја година масата е се повеќе полна со храна и покрај тоа што се работи за посна слава. Денеска има се. И посен мајонез и посен кашкавал. Се прават разни посни ситни колачи. Се прават солени ролати. Кифлички и посна руска салата се на прво место. Ниту една Св.Никола не поминува без пржени или пак печени риби, додава таа.

Таа вели дека секоја година една недела пред славата поп доаѓа во домот за да крсти вода, а потоа таа со крстената вода го меси славскиот колач, кој на 18 декември го носи во црква.

Од славскиот колач треба да јадат сите домашни за среќа, здравје и бериќет.

-На 18 декември со домашните си имам свечена славска вечера. Јас како домаќинка го подготвувам зелникот. Правиме грав, печеме риби. Тој вечер се собираме само домашните. Синовите, снаите и внуците. На 19 декември ги чекаме гостите, вели баба Станка.

Славата ми е најубавиот ден во годината. Не ми е мака што со денови спремам за тој ден. Никогаш не купувам ништо. Секое парче кое е направено, е направено со голема љубов и трпение.